ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Секуловски: Покрај резултатскиот императив Брегалница оваа есен донесе огромна свежина на прволигашката сцена

Брегалница на четвртата позиција ја заврши есенската полусезона во Првата македонска фудбалска лига, првата своја по враќањето во елитното друштво.

Успешно мината полусезона за „сините“ која според стратегот Марјан Секуловски треба да биде мотив повеќе за уште подобри резултати во иднина. Осврнувајќи се на полусезоната, Секуловски нагласува дека покрај резултатскиот императив Брегалница оваа есен донесе огромна свежина на прволигашката сцена промовирајќи и голем број млади фудбалери за кои досега никој не знаеше…

„Генерално погледнато секако треба да бидеме задоволни од завршената полусезона. Брегалница после четири сезона се врати во елитното друштво, и за поголемиот дел играчи секако ова беше еден сосема поинаков предизвик многу поголем за разлика од претходното ниво. Кога се ќе се сумира, освоени 29 бода за четврта позиција, многу повеќе од некои докажани и етаблирани прволигаши, остава позитивно светло иако сега остануваат да бидат направени и детални анализи по што ќе ја имаме вистинската слика. Сигурно останува разочарувањето за некои пропуштени бодови кои ги имавме во ракав со што впечатокот ќе беше уште попозитивен, но затоа се тие анализи кои сега ќе следат за сите потфрлувања кои ќе треба да се корегираат“ – вели Секуловски.

Резултатски Брегалница може да се каже дека мина успешно, ако се знае дека е повратник во Првата лига, но факт е дека донесе и сериозно освежување во лигата со промоција на голем број млади фудбалери.

„Тоа е и основната интенција на Брегалница водено од ова раководство и стручен штаб, промоцијата и афирмацијата и на млади фудбалери. Со исклучок на неколку поискусни првотимци, се останато во тимот се момчиња од 20 до 24 години кои се и носители на играта. Македонската фудбалска јавност на сцена виде добар дел млади фудбалери кои сериозно го потврдија својот квалитет. Голманот Денковски и дефанзивецот Манев се издвоија и како стандардни младински репрезентативци, а имаме уште неколку младински репрезентативци. Сето тоа јасно посочува дека сме на вистински пат, посебно и ако се знае дека за сите тие млади фудбалери оваа полусезона беше еден вид адаптација и преод од досегашниот фудбал на едно ново ниво“ – дополнува тренерот на „сините“.

ФОТО: ФК Брегалница

За амбициите во пролетниот дел од сезоната…

„Среќни сме што одигравме високо квалитетен натпревар на крајот против Тиквеш, за убав крај на полусезоната. Сега, како што реков, следат анализите затоа што простор за напредок секогаш има. Брегалница, јасно е, и во пролетниот дел од сезоната ќе игра со амбиции за триумф на секој дуел, отворено, офанзивно и агресивно без разлика на противникот од спротивната страна. Тоа треба да не води и кон следни успешни резултати“ – вели Секуловски.

А, на патот кон идните успеси и тоа како не неопходна поддршката и од навивачите…

„Секако. Затоа мора сите заедно да искажеме благодарност до ‘Фалангата’ која цела полусезона ни даде максимално поддршка. И во тешките моменти секогаш ја имавме поддршката од ‘Фалангата’ што за нас беше од голема помош. Навивачите ќе бидат нашиот ветар во грб и во пролетниот дел од сезоната“ – завршува Секуловски.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!