Сејдини: Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето

Откако Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да ги награди фудбалерите со највисоката премија во мак спорт за пласманот на Европското првенството и да им додели вкупна премија од 4,2 милиони евра, Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини даде свој коментар.
Кога ќе погледнеме што сѐ Фудбалската федерација на Македонија доживеа и оствари во 2020. година, навистина има на што да бидеме горди. Македонската репрезентација ја обедини целата држава и ни ја донесе најголемата фудбалска радост од осамостојувањето. Капитенот Пандев и сите репрезентативци апсолутно ја заслужуваат паричната награда. Во сите тие моменти на патот до пласманот на Европското првенство, кога фудбалерите играа и се бореа за нашата фудбалска историја , никогаш не се размислуваше за пари. Но, сега е моментот, Управниот одбор да го цени успехот и да се обидеме и на овој начин да дадеме признание и да влијаеме позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Знам дека времињата се тешки, но Фудбалската федерација ќе продолжи да работи и горди сме на сѐ што заработивме и сѐ што плативме. На капитенот Пандев и соиграчите им посакувам многу среќа во новиот квалификациски циклус и повторно да ја одведат Македонија на големо натпреварување, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Македонија за прв пат ќе игра на Европско првенство во група со репрезентациите на Австрија, Холандија и Украина. Првиот натпревар го играме на 13 јуни 2021 со селекцијата на Австрија.