
Во понеделник на програмата е дербито на колото во Втората футсал лига меѓу Конзули и Кеби Моби преку кое ќе се одлучува за врвот од табелата. По четири кола велешани се на првото место со максимални 12 бодови, колку што имаат и битолачни, но поради подобрата гол разлика Кеги Моби е на врвот од табелата.
Спортска Мрежа разговараше со двајцата играчи на Кеги Моби, Никола Саздовски и Зоки Трајков кои на почетокот од разговорот дадоа свои коментари за триумфот во дербито од претходното коло против преполовениот Астибо.
Никола: „Може да се каже дека беше лесно, но после битката сите сме генерали. Нема да криеме дека пред почетокот на натпреварот знаевме и се спремавме како за дерби натпревар и со тоа што бевме доста сериозни дојдовме до посакуваниот и лесен резултат.“
Зоки: „Најпрво респект до противникот, не беа комплет тоа ни беше јасно по нивното пристигнување, се слагам со мојот соиграч Никола дека доста добро се спремаме пред секој натпревар и затоа атакуваме по тоа што го планираме и посакуваме.“
Кеги Моби веќе одигра два дерби натпревари откако најпрво играше против Клими, потоа Астибо, а сега следува можеби многу поголемо и понеизвесно дерби против Кеги Моби во Битола.
Никола: „Како што е тргнато ние секоја недела веќе трета по ред играме дерби, најпрво против Клими, па против штипски Астибо и сега против КМФ Конзули од Битола. Нема да биде лесно, неделава полека привршува и ние завршивме со подготовките за Понеделник и го чекаме натпреварот, можам да кажам дека очекуваме победа и тешка битка за нови 3 бода.“
Зоки: „Противникот е нов во ова натпреварување, Битола е познат како град на фудбалот со многу добри играчи кои потекнуваат од тој град но не знаеме во какво светло можат да се претстават и во футсалот затоа за нас ќе биде еден голем предизвик во Понеделник да покажеме зошто сме на тоа место од табелата и да го задржиме се до крајот на првенството. Тренираме константно, атмосферата во екипата е повеќе од одлична и ќе гледаме да го оствариме зацртаното.“
Никола и Зоки велат дека екипата е комплетна надополнета со некои помлади играчи кои се регистрирани изминатата недела.
Никола: „Екипата е иста како пред секој натпревар со + некои помлади играчи кои ги регистриравме изминатава недела за докомплетирување на играчкиот кадар, сите спремни, расположени, без повреди патуваме за Битола градот на познатите Конзули.“
Зоки: „Ќе се надоврзам на нашиот Коле кој е неуморен на теренот, екипата ни е комплетна и без поголем ростер и играчки кадар тешко би било да се издржи без разлика што е Втора Лига, но сепак е долго првенство со 22 кола кај што не знаеме пред време со каква препрека може да се сретнеме. Понеделник Битола, се гледаме во добро светло. Фала ви уште еднаш од мене и Никола и од целиот тим на КМФ Кеги Моби Велес!“
Правдата на дербито на колото за врвот во Втората футсал лига ќе ја делат Тоше Ицев од Кавадарци и Иле Мишески од Прилеп. Натпреварот ќе започне во 19:30 часот.