ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Сасански: Би го пофалил несебичното залагање на моите играчи во исполнување на задачите, Детонит може до сигурен опстанок!

Радовишки Детонит есенската полусезона ја заврши на осмото место на табелата во Втората лига – Исток со 16 освоени бодови. На почетокот од сезоната Илија Сасански беше кондициски тренер, а после првото одиграно коло тренерот Аце Стојанов си поднесе оставка по што Сасански го презеде кормилото на клубот и успешно го водеше во текот на целата есенска полусезона.

Тренерот на радовишани за Спортска Мрежа зборуваше за последниот меч од есенскиот дел против Осогово, како и за есенската полусезона и предизвиците низ кои помина Детонит.

„Зимските услови заради кои еднаш беше одложен натпреварот, за жал не дозволија да се развие добра игра на теренот, ниту ние да ги реализираме зацртаните планови. Во овој последен меч од полусезоната, игравме и без четворица првотимци, но сигурно е дека посакувавме макар една реализација на неколкуте шанси што ги имавме. Во целина, освоивме вкупно 16 бода, но ни недостасуваат уште неколку од планираните“, вели Сасански и додава:

„Што се однесува до сите натпревари, би го пофалил несебичното залагање на моите играчи во исполнување на задачите. Како што е познато, на почеток на полусезоната, управата на ФК Детонит Јуниор ме назначи за кондициски тренер. Меѓутоа, после првото одиграно коло, главниот тренер поднесе оставка и од тој момент јас ја водев комплетно, веќе претходно селектираната екипа, низ сите натпревари во оваа полусезона.“

„Од сам старт, работевме на подобрување на формата на играчите и на организацијата на игра, на ниво потребно за Втора лига. Со помош на тестовите за моторички способности, го утврдував нивото на екипата и знаев дека со напорна и професионална работа ќе понудиме возбудлива игра за гледачите. Почетокот беше потежок и помалку успешен, но времето одеше во наша полза и со секој нов натпревар, играчите стануваа подобри и поспремни.“

Сасански за Спортска Мрежа вели дека со доведување на неколку нови играчи Детонит има шанси да обезбеди пласман во единствената Втора лига.

„Тимот се состои од играчи кои претходната сезона освоија прво место во Трета лига – Исток, но брои и фудбалери од други градови од Македонија, меѓу кои и еден репрезентативец од У-19. Верувам дека со доведување на неколку нови играчи, клубот има шанси да обезбеди пласман во единствената Втора лига.“

„За крај, ја користам оваа прилика да се заблагодарам на фановите, читателите на Вашиот портал и на соработката со Спортска Мрежа. Имајте Среќни Празници и секое добро“, завршува Сасански.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!