Руни и Дерби веќе „отпаднаа“ од Чемпионшип, имаат -3 бода

На Дерби Каунти му се одземени девет нови бодови, вкупно 21 од стартот на сезоната, па во моментов има – 3 бода на табелата во Втората англиска лига, Чемпионшип.
Во моментот кога клубот прогласи банкрот автоматски остана без 12 бода, сега му се одземени уште девет поради кршење на сметководствените правила, па се најде во безизлезна ситуација. Од почетокот на сезоната има освоено 18 бода, а бидејќи е казнет со 21, моментално е закован на дното на табелата со минус 3 бода.
Тимот чиј тренер е легендарниот англиски фудбалер Вејн Руни (36) полека се подготвува за третолигашкиот фудбал од следната сезона.
Руни го презеде раководството на Дерби Каунти во ноември 2020. Прво како играч-тренер, а во јануари беше назначен за постојан менаџер. Кога на „Овните“ им беа одземени 12 бода, тој изјави дека нема да го остави тимот на цедило, но беше лут на тогашното раководство на клубот кое не го информираше за тешката финансиска состојба пред потпишувањето на договорот.
Дерби ќе го одигра првиот натпревар во недела на 21 ноември кога го пречекува моментално водечкиот тим во лигата Борнмаут.