РакометРакомет - Суперлига

РК Младост 1977: Ќе имаме неколку засилувања, опстанокот ќе биде тежок, се надеваме РФМ да ја прифати иницијативата за испаѓање на помалку екипи!

РК Младост 1977 од Богданци после долги години во Првата лига се врати во Суперлигата, каде што се натпреваруваше во групата Б и заврши на последното место со 6 освоени бодови. Клубот од Богданци ќе игра во плеј-аутот каде ќе се обиде да избори опстанок.

Спортска Мрежа направи интервју со Управата на Младост 1977 каде разговаравме за регуларниот дел од сезоната, за предизвиците во плеј-аутот, за засилувањата, како и за иницијативата со која се бара од Ракометната федерација на Македонија во тековната сезона да испаднат помалку екипи.

Регуларниот дел од Суперлигата РК Младост го заврши на последното место на табелата во групата Б и со тоа не успеа да обезбеди плеј-оф и сигурен опстанок. Како го коментирате регуларниот дел од сезоната и каде клубот најмногу потфли ?

„Оваа сезона во Суперлигата Младост 1977 после долги години играње во Прва лига ја започна со големи амбиции со цел опстанок во Суперлигата. За таа цел беше доведено и едно засилувања од Молдавија. Сезоната ја отворивме со победа против Тиквеш, тим кој е со далеку поголем буџет од нашата екипа, но во првиот тим располагаме со млади неискусни играчи на возраст од 16-19 години кои за нив ова е прв сериозен предизвик, и токму тој сегмент се покажа клучен, речиси со секој противник покажавме заби и моќ, но немањето искуство и ротација, слабата клупа се покажа клучен фактор за поразите“, велат од клубот.

Плеј-аутот и опстанокот во сезоната ќе биде тежок, дали РК Младост планира да донесе нови засилување и на кои позиции би се засилил клубот ? Дали имате преговори со нови играчи и дали може да очекуваме за брзо време и официјализирање на некои трансфери во Богданци ?

„Плеј аутот и патот до опстанокот во Суперлигата годинава ќе биде тежок, но се надеваме на слух и добро расположение на РФМ и промена на одлуката со цел да излезат што помалку екипи, бидејќи таква Суперлигашка сезона со толку вложувања толку неизвесна и квалитетна не паметиме во последните 20 години и сметаме дека овде и ќе ја бараме шансата за опстанок. Но, РК Младост 1977 и покрај тоа активно веќе работи на создавање на квалитетен тим кој ќе се бори за опстанок.

Веќе сме во преговори со повеќе играчи од Македонија и од странство и за брзо време ќе бидат официјализирани засилувањата“, ни изјавија од РК Младост 1977.

Младост 1977 – Металург (ФОТО: Младост 1977 Богданци)

Тешка пролет ќе биде за РК Младост, во борбата за опстанок. Како гледате и како го коментирате плеј-аутот ?

„Доколку не се дозволи опстанок на поголем број екипи во Суперлигата, опстанокот ќе биде тежок секој натпревар ќе биде одлучувачки за опстанок, а најтрагично на крај ќе биде тоа што ќе излезат екипи кои во моментот според вложувањата и квалитетот заслужуваат да останат во Суперлига“, велат од Младост Богданци.

Кога РК Младост ќе стартува со подготовките за вториот дел од сезона и дали планирате да одиграте пријателски натпревари пред почетокот на сезоната ?

„Стартот со подготовките е планирано да започнат од средината на јануари, а веќе почеток на февруари во план се за 2-3 пријателски натпревари.“

Кое е вашето мислење за иницијативата за испаѓање на помал број на клубови од Суперлигата ? Кое е вашето очекувања, дали мислите дека Ракометната федерација на Македонија ќе ја прифати иницијативата ?

„Во врска со иницијативата за излегување на помал број екипи во понизок ранг моето мислење и очекувања се дека РФМ би требало да прифати, како што ризикуваше со проширување на лигата нешто што вроди со плод каде се играше една од најнеизвесните сезони во Суперлигата и секој можеше да победи секој, така мислам дека и сега ќе го прифати предизвикот ако сакаат да ги следат европските лиги и ако сакаат голема квалитетна Македонска лига, бидејќи нема што да загубат напротив ќе дадат шанса и мотив плус да оживеат спортските ракометни центри како Богданци, Кавадарци, Прилеп, Струмица и многу други и ќе добијат ракометни центри и ракометни екипи кои ќе вложуваат се повеќе и кои имаат многу што да покажат во следниот период, бидејќи таквата шанса некои од нив ја чекаа со години“, велат од Управата на РК Младост 1977.

Младост 1977 во плеј-аутот ќе се бори за опстанок со екипите на Работнички, Радовиш, Прилеп, Голден Арт КЛ7, Јуниор Кисела Вода, Тиквеш и Астраион. Во првото коло екипата од Богданци ќе гостува во Струмица каде ќе се соочи со Астраион, а ќе затвори со Јуниор Кисела Вода на домашен терен.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!