ФудбалФудбал - Останато

Ристиќ го повлече и Златевски во Делфинес дел Есте, уште еден Македонец ќе игра во Доминиканската Република!

Пред две недели, македонецот Борче Сркески го потпиша својот прв професионален договор со тимот на Делфинес Дел Есте од Суперлигата на Доминиканската Република и учесник во Лигата на шампиони на КОНКАКАФ. Вечерва во доцните часови, клубот од овој карипски остров официјално договори уште еден млад Македонец.

Александар Златевски е нов играч на „делфините“ кој доаѓа од редовите на македонскиот второлигашот Росоман. 19-годишниот Златевски во својата кариера покрај Росоман има настапувано и за Питу Гули од Крушево, Академија Пандев и прилепска Победа.

„Младиот играч од Македонија, Александар Златевски, им се приклучи на „делфините“ благодарение на преговорите на Стефан Ристиќ“, пишува клубот на социјалните мрежи.

За двата трансфери кои што се случија најголемо влијание има искусниот тренер Ристиќ, кој работеше со двајцата фудбалери во Питу Гули од Крушево. Воедно, Србинот има и голема доверба во овие млади играчи.

„Јас генерално верувам во сите мои играчи и ако чувствувам дека можам да им помогнам да напредуваат во кариерата, не гледам причина зошто да не би им помогнал. Сигурен сум дека со вложувањето на големиот труд на крај им се исплати. Играњето во Лигата на шампионите во тие години може да им донесе многу искуство, тоа е одлична работа и тие ја имаат мојата целосна доверба. Исто така, никој не гарантира дека ќе застанеме само на овие двајца играчи од овие простори, има повеќе потенцијални играчи, ќе видиме што ќе покаже следниот период, преодниот рок таму трае уште еден месец“, вели Ристиќ.

Делфинес Дел Есте ФК е тим кој игра во главниот град Санто Доминго, на стадионот „Феликс Санчез“ со капацитет од 35.000 места. Репрезентацијата на Доминиканската Република ќе одигра пријателски натпревар против репрезентацијата на Србија на 25 јануари на истиот стадион. Оваа сезона, клубот заврши на второто место во лигата, што им овозможи преку квалификации да стигнат до ЛШ на КОНКАКАФ. Националната лига во оваа земја започнува во април, но Делфинес Дел Есте ќе отпатува за Колумбија во втората недела од февруари на двонеделни подготовки.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!