
Вечерва во Тетово беше отворено 7. коло од Втората футсал лига на Македонија кое донесе реми (2:2) и поделба на „пленот“ меѓу СЕЕ Университи и Астибо.
Домашните преку Атмир Бакија први го отворија резултатот во 9. минута од натпреварот. Водството на тетовчани траеше само две минути, бидејќи Иван Андов израмни на 1:1, а веќе во 15. минута штипјани преку Иван Стојчев направија пресврт на резултатот.

И водството на Астибо траеше само две минути, бидејќи Бакија со втор гол во 17. минута ги постави конечните 2:2. Пред крајот на натпреварот Умер Муслии заработи директен црвен картон поради груба игра и беше исклучен од игра.
СЕЕ Университи сега има десет бодови, но останува и понатаму на седмото место, додека пак Астибо останува петти со 13 бодови.