ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Реми на дербито во Струмица – Тиверија и Осогово го поделија „пленот“, пукна „петарда“ во Берово

Дербито во Струмица заврши без победник и без погодоци, Вардарски во Богданци го направи најголемото изненадување, а изненадување имаше и во Дојран, пукна „петарда“ во Берово, тоа е епилогот од 11. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток.

Дербито на колото се одигра во Струмица, каде на теренот во вештачка трева Тиверија и Осогово одиграа меч без погодоци (0:0) и со тоа ги поделија бодовите. Ланскиот второлигаш од Кочани ја преживеа Струмица и дома се враќа непоразен со многу важен бод на патот кон баражот преку кој „жетварите“ посакуваат експресен кам-бек во второлигашкото друштво.

Големо изненадување приреди Вардарски, кој со минимални 1:0 славеше прва и голема победа над Брегалница од Делчево. Повратникот во Трета лига – Исток за првпат сезонава се израдува на три бода, со што третолигашот од Богданци дојде до многу важни бодови во битката за опстанок, но и понатаму останува на дното со пет бодови колку што има и Победа од Валандово, која е претпоследна.

Трите бодови во Богданци ги обезбеди Мартин Крлевски кој погоди во 35. минута за минимална, но голема победа од 1:0 над Брегалница од Делчево, која никако да победи на гостински терен.

Во Берово пукна „петарда“ на мечот меѓу Малеш и Рудар, каде домашниот тим со 5:1 славеше голема победа над гостите од Пробиштип.

Домашниот тим желбата за победа ја најави уште во првиот дел кога резултатот беше 2:0 на полувреме, а стрелец на овие два погодоци беше Ерол Пилов. Во вториот дел Илија Шонтевски постигна гол за 3:0 во 55. минута, а две минути подоцна голгетерот на „рударите“ Марио Атанасовски постигна гол и намали на 3:1, но веќе во 59. минута Шонтевски со втор гол ја зголеми предноста на Малеш на 4:1. Во 63. минута Марјанчо Пачарски постигна гол вреден убедлива победа од 5:1.

Валентин Михајловски во 90. минута ја спаси Победа од пораз на домашен терен, откако на Градскиот стадион во Валандово екипите на Победа и Карбинци ги поделија бодовите играјќи 1:1. За гостите голот го постигна Саше Соколов во 81. минута.

Овче Поле се „удави“ во Дојранското Езеро, откако на гостувањето во Дојран, со 4:2 беше поразен од екипата на Дојранско Езеро.

Домашниот тим резултатот го отвори рано, уште во 9. минута преку Глигор Јанкулов, а со да брзи гола на Петар Илиев во 19. и 21. минута дојранчани имаа водство од убедливи 3:0. Три минути подоцна Андреј Панев стрелаше и намали на 3:1, но веќе во 30. минута Оливер Маринковиќ постигна гол за водство од убедливи 4:1. Во судиското надополнување на првиот дел Дарко Нацев ги постави конечните 4:2, откако во вториот дел мрежите мируваа и на двете страни.

Спартмани на домашен терен со 2:1 го доби дуелот со новајлијата Академија Чешиново-Облешево. На теренот во Градско Балдовци за домашниот тим стрелци беа Мите Митров и Драги Глигоров, кои стрелаа во првиот дел, а пет минути пред крајот на мечот Давид Малинов ги постави конечни 2:1.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ИСТОК:

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!