ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Радовиш добива силен и амбициозен второлигаш: Детонит Јуниор, Плачковица и Азури се фузираат во еден клуб

Радовиш добива силен и амбициозен второлигаш, откако денес второлигашот Детонит Јуниор, третолигашот Плачковица, како и фудбалската школа Азури се фузираа во еден клуб.

  • Целосното соопштение на Детонит Плачковица:

„Најважната работа во секој спорт е пред се, што поголем број на вклучени млади генерации, градење на сопствени кадри и спортисти и секако полни трибини со навивачи и поддржувачи. Токму ова, е и нашиот главен приоритет.

После неколкумесечна анализа, консултации, разговори и преговори, би сакале со особена чест и задоволство да ја информираме радовишката јавност дека – Радовиш станува уште посилен фудбалски град.

Имено, во соработка со општина Радовиш и менаџерските тимови на спонзорите и правните субјекти, во еден заеднички клуб се обединуваат ФК Плачковица, ФК Детонит
Јуниор и Фудбалската школа Азури, се со една цел – враќање на високо и професионално ниво на фудбалот во нашата општина.

Новото име на Фудбалскиот клуб е „ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА“.

Би сакале накратко да образложиме зошто сметаме дека ова е вистинското решение за долгорочниот развој на фудбалот во нашиот град.
Има неколку причини за ова од кои едната е постоечката спортска инфраструктура.
Имено, Градскиот стадион во Радовиш, кој веќе статусно е регулиран, за жал нема доволен капацитет за да можат да тренираат и се натпреваруваат повеќе клубови и повеќе детски школи, што реално би значело негово оштетување и немање можност за одржување на натпревари. Втората причина е немањето можности за финансирање на повеќе спортски клубови кои би сакале да тренираат и да се натпреваруваат квалитетно и да котираат високо во своите соодветни лиги. Од тие причини, се одлучивме за еден – ама вреден фудбалски клуб, со обезбедена финансиска поддршка, со сериозна управа, сериозен стручен штаб и пред се – квалитетен фудбалски состав од кој очекуваме професионалност, квалитетен фудбал и високи успеси во системот на натпреварување.

Исто така, како еден од факторите на кој сериозно внимававме е продолжување на традицијата и љубовта кон фудбалот во нашиот град. Имајки во предвид дека Радовиш оваа година прославува јубилеј – 80 години од постоењето на фудбалот и исто толку години на Фудбалскиот клуб Плачковица, сметаме дека звучното и свето фудбалско име – Плачковица, кое е гордост на сите нас и гордост на градот, со оваа одлука во соработка со генералниот покровител на новиот фудбалски клуб, ќе ја подигнеме на уште повисоко ниво.

Како нова управа, бараме целосна поддршка од граѓаните, бараме со заеднички напори да покажеме и докажеме дека Радовиш е фудбалски град. Дека можеме оваа година да се бориме на терен гради во гради со: Вардар, Пелистер, Тетекс, Гостивар, Беласица, Охрид, Саса, Слога, Кожув и другите учесници во единствената Втора Фудбалска лига на Македонија.

Со оглед на сериозната конкуренција, не очекува тешка битка, но фудбалот е нашата единствена цел. Ќе се бориме исцрпувачки и ќе дадеме се од себе и како управа и како стручен штаб а верувам и дека фудбалерите ќе ве направат горди што сте дел од фудбалски Радовиш.

Ќе започнеме со уписи на нови млади генерации, ќе работиме исклучиво со професионален кадар и нашата главна цел е во наредните неколку години да изградиме здрави фудбалери кои во иднина ќе бидат наша фудбалска гордост.
Заеднички да испишеме нова историја на фудбалот во Радовиш.

Однапред Ви благодариме и се гледаме наскоро на трибините на градски стадион.“

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!