ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Прволигашко комшиски дерби меѓу Победа и Тиквеш: Мечот е прогласен од висок ризик

По стартниот неуспех во Струга фудбалерите на Победа денес од 17 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп во премиерниот меч на свој терен по враќањето во Првата лига ќе го пречекаат Тиквеш.

Децении наназад комшиските дуели на двата клуба предизвикувале посебен интерес кај љубителите на фудбалот. Клубови, исто така децениски, спортски пријатели но и лути ривали. Се чини подобра увертира за отворање на прволигашката сезона и не можеше да се посака.

Сигурно од натпреварувачки аспект бодовите се потребни за двата тима, а „црвено-белите“ како домаќини и повратници во елитната конкуренција сигурно ќе ги посакуваат повеќе.

Гостите имаат поискусен, на хартија можеби и поквалитетен состав, но избраниците на Бабунски со своето максимално залагање ќе треба да го наметнат и на теренот да го спроведат во дело она што од нив ќе го бара стручниот штаб. Несомнено на теренот ќе се води беспоштедна битка но можеби пресудна да биде подршката која „победашите“ треба и сигурно ќе ја имаат од трибините.

Ако на решавачките мечеви во Втората лига имаше по 4-5 илјади гледачи тогаш денес прволигашка премиера на свој терен „црвено-белите“ треба да имаат подршка од побројна и погласна публика во текот на сите 90 минути, дотолку повеќе што по пауза од 12 години ќе се игра прволигашки фудбал на Градски во Прилеп.

Бидејќи мечот е прогласен од висок ризик и вратите на стадионот ќе се затворат во време на почетокот (17 ч) ФК Победа ги повикува љубителите на фудбалот на стадион да дојдат порано од вообичаено и сите да си набават влезница по симболична цена од 100 денари со што на директен начин скромно ќе помогнат во финансирањето на клубот.

Дуелот ќе го суди Александар Грујоски од Кичево, а ќе му помагаат Куштрим Лика и Зоран Јанкуловски исто така од Кичево, а четврт судија ќе биде Владимир Ѓорѓиевски од Битола.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!