Пријателско дерби меѓу Вардар Неготино и Тиквеш со пренос во ЖИВО!

Во среда се игра големо пријателско дерби меѓу вечните ривали Вардар од Неготино и Тиквеш од Кавадарци.
Иако контролен натпревар, ривалство и докажување на терен кој е подобар ќе има. Вардар Неготино се бори за врвот од Третата лига – Југ и пласман во Втората лига – Исток, додека второлигашот Тиквеш се спрема за бараж и промоција во Првата лига.
Вардар Неготино одигра квалитетни контролни натпревари преку кои ја темпира формата за пролетните предизвици, а од друга страна Тиквеш е во одлична форма и парира на прволигашките екипи, што ќе понуди возбудлив бараж за влез во елитата.
Третолигашот од Неготино на првата контролка ремизираше со Кожуф играјќи 2:2, од Кадино загуби со минимални 0:1, а против прилепска Победа запиша убедлив триумф од 0:3, додека на последниот контролен натпревар во Свети Николе беше подобар од Овче Поле со 2:3.
Тиквеш одигра одлични и квалитетни тестови. На првиот во Струмица со 2:3 беше подобар од прволигашот Беласица, потоа следуваше убедлива победа од 4:2 над радовишка Плачковица, а на последната контролка ремизираше со Работнички играјќи 1:1 на „Борис Трајковски“ во Маџари.
Натпреварот се игра на Градскиот стадион во Неготино со почеток во 14:00 часот и ќе можете да го следите во ЖИВО на Спортска Мрежа.