ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Преспа го доби Новаци, Црно Буки со минимална победа над Фламуртари

Екипата на Преспа го доби големото дерби со Новаци, откако на Градскиот стадион во Ресен со 2:1 беше подобар противник, во меч од 10. коло од Третата лига – Југозапад. Во одличен и отворен натпревар први до водство дојдоа домаќините преку Димитриоски во 4. минута од натпреварот, но, радоста на Преспа траеше кратко, бидејќи Новаци веднаш израмни преку Наумоски Благоја. Преспа направи повторно притисок кон голот на гостите, а тоа резултираше со нов погодок и ново водство на домаќините, а стрелец беше Агушевски Аднан. До крајот на натпреварот мрежите мируваа. Преспа со 18 бодови е на шестото место на табелата, додека Новаци со 19 бодови сега е на четвртото место.

Црно Буки уште еднаш потврди дека е одличен на домашен терен и дојде до минимална, но тешка победа од 1:0 над Фламуртари. Единствениот гол на натпреварот го постигна Јанкуловски во 88. минута од натпреварот. Црно Буки на домашен терен на последните пет натпревари нема примено погодок, што го прави перфектен и најавува одлично дерби веќе во следното коло против Новаци.

Лидерот Воска Спорт одигра повторно фантастичен натпревар и со 3:0 го декласираше Кравари. Домаќините го решија натпреварот за 14. минути. Резултатот беше отворен во 5. минута со погодокот на Алулоски Сашо. Само пет минути подоцна водството беше зголемено на 2:0, а стрелец на овој гол беше Клечкароски Бојан, четири минути подоцна погоди и Елмаз Ибрахим за конечни 3:0.

Караорман ја оправда фаворитската улога и со 1:3 славеше над Победа во Ивањевци. Први до водство дојдоа гостите преку Белули Ахмет во 13. минута од мечот, а пет минути подоцна водството беше зголемено на 0:2 преку истиот играч. Во 22. минута Караорман веќе имаше сигурно водство од 0:3, а овој пат стрелец беше Ќелешоски Ивица. Во вториот дел домаќините погодија за 1:3 преку Спиркоски Ангел, воедно тоа беше и конечниот резултат.

Октиси не ја оправда фаворитската улога на домашен терен и мораше да се задоволи со бод со екипата на Белица, откако ремизираше играјќи 3:3.

Сатеска го одигра можеби најдобриот натпревар во тековната сезона, откако на домашниот терен во Волино славеше со високи 5:0 над екипата на Дебарца.

Македонија Враништа ремизираше на домашен терен играјќи 2:2 со екипата на Лирија од Грнчари. Двете екипи се во голема резултатска криза. Екипата од Враништа со 9 освоени бодови е на 12-тото место на табелата, додека Лирија со шест бодови е во опасната зона.

На врвот нема промени, Воска е лидер со 26 бодови, додека на второто место е Караорман со еден бод помалку. Сега на третото место е Црно Буки со 21 бод, а два помалку има веќе четвртопласираниот Новаци. На дното од табелата се екипите на Стрела со 4 бодови, два повеќе има Лирија која е претпоследна.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!