Победа Ивањевци со четири нови засилувања за пролетната полусезона од Третата лига – Југозапад

Третолигашот Победа од Ивањевци одигра лоша есенска полусезона, клубот е во опасната зона за испаѓање односно на 14-тото место со седум освоени бодови.
Од раководството на клубот во изјава за Спортска Мрежа велат дека не се задоволни од постигнатите резултати и дека целта за пролетната полусезона ќе биде да се стигне до средината на табелата за што се ангажирани четири нови засилувања.
„Не сме задоволни од постигнатите резултати. Секогаш може подобро. Проблем ни беше тоа што повеќето натпревари во гости се играа во сабота. Голем дел од играчите имаат работни обврски, а некои и во недела“, велат од раководството на клубот.
Третолигашот од Ивањевци го напуштија двајца играчи, а клубот е засилен со четири играчи кои ќе треба да му помогнат да излезе од опасната зона и сезоната да ја финишира на средината од табелата.
„Двајца играчи си заминаа од клубот. Ангажирани се четири нови засилувања за пролетниот дел, ќе ја засилиме средината и нападот и еден во одбрана. Целта е да се стигни до средината на табелата оваа сезона. Започнавме со тренинзи, меѓутоа повеќе индивидуално“, ни изјавија од клубот.
Победа Ивањевци пролетната полусезона ја отвара на домашен терен против Лирија од Грнчари.