Пелистер со 113 поени го декласираше Куманово

Пелистер и Работнички се двете екипи кои остануваат да се водат како непоразени во нашиот шампионат.
Силно почнаа „пелистерци“. Од самиот почеток наметнаа еден брз ритам на игра, со доста шутеви од поле. И доста прецизно во првата четвртина. Потврда за тоа беа и оние високи 32. коша дадени за десет минути. И примени само 20.
За доста солидна предност од 12.поени (32:20) која им овозможи на „зелено-белите“ доста покомотна игра.
Куманово почна „да игра“ дури во вториот период од играта. Најдобрите минути им беа оние почетните, во кои тимот на Владимир Мирковски анулира половина од високата негатива. Кумановци се доближија на пет поени негатива (29:34) по три и пол минути играње во оваа делница од играта. Во 15.минута беше и слично, (42:36).
Но во наредните пет, со серија од (13-2), „пелистерци“ стигнаа до највисоките (55:38), како што беше и на големиот одмор.
Тројца играчи од стартната постава на тренерот Марјан Илиевски ја надминаа цифрата од десет или повеќе поени. Стајиќ и Кесар имаа по 13, а Малешевиќ еден поен помалку.
Во лошото шутерско издание на Куманово, само 2/11 во шутот за три поени со девет поени се издвои Марковски, еден помалку пак даде Глигоријевиќ.
Каде што застанаа, кошаркарите на Пелистер продолжија и во второто полувреме. Ефикасно во нападот, сосема коректно во одбраната, се заедно, и повеќе од доволно да „побегнат“ на позитива од дури 27.поени (81:54), како што беше на истекот на третата четвртина.
Период од играта во кој продолжија со добриот процент на реализација во шутот од поле.
Високи 72% во обидите за два поени, и сосема солидни 42% за три, плус 85% од линијата за слободни фрлања. Премногу за заморениот кумановски тим, кој како едвај да чекаше да истекнат 40.минути од ова гостување во Битола, кое дојде во еден доста сложен момент за нив.
Битолски „хет-трик“ за максимален ефект, и кумановски (3-2) во пет одиграни мечеви од стартот на Првата лига, „осакатена“ со неодигрување на голем број на натпревари во овие осум круга, а предизвикано од присуството на коронавирусот кај поголем дел од нив.