ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГАФудбал - ПРВА ЛИГА

Пелистер пред исфрлање од Првата лига !? Охрид пред ПМФЛ, но ред чекаат и Силекс и Вардар!

Во битолски Пелистер се случува тотален хаос, нема регистрирано 12 професионални фудбалери со што не може да игра во Прата македонска фудбалска лига во новата сезона. Во таков случај, битолчани ќе немат право на настап во ПМФЛ, па се отвара едно место кое треба да биде пополнето пред почетокот на сезоната.

Пелистер има уште три дена, поточно до 15 јули да пријави 12 фудбалери со професионални договори, а во моментот битолчани немаат 12 професионални фудбалери. Дали ќе има продолжување на рокот или не засега нема информации, иако, шанси за такво нешто има, бидејќи во моментот се водат преговори за купување на клубот, па би можело да се случи рокот да биде продолжен со цел да бидат пријавени фудбалери со професионални договори.

Доколку не се исполни ова обврска, тоа значи дека Пелистер ќе биде исфрлен од Првата лига и ќе се пресели во Третата лига. Во вакви околности се ослободува едно место во ПМФЛ, кое треба да биде пополнето пред стартот на сезоната. Прв на листата за пополнување ќе биде Охрид кој играше бараж за влез во ПМФЛ со Ренова и клуб кој побарал лиценца бидејќи играше бараж, но загуби на пенали и остана член на ВМФЛ – Запад. После охриѓани следуваат Гостивар и Велешта, но шансите овие екипи да добијат место во ПМФЛ се мали бидејќи треба да исполнуваат услови за учество во Првата лига.

Потоа, на ред, за пополнување на местото во ПМФЛ доаѓаат Силекс кој испадна во баражот, па потоа Вардар кој директно испадна во Втората лига – Запад. Кратовчани имаат поголеми шанси од „вардарци“ да добијат место во ПМФЛ бидејќи беа подобро пласирани на табелата во ПМФЛ минатата сезона. Во редот на чекање за враќање во ПМФЛ е и струмичка Беласица.

Останува да видиме како ќе биде решена ситуацијата околу Пелистер, и дали клубот ќе биде исфрлен од лигата, па да видиме кој ќе го земе неговото место.

Во ваков случај, ќе има промена и во Втората лига – Запад. Доколку, Охрид, или Силекс или Вардар го пополнат местото на Пелистер во ПФМЛ, а битолчани се преселат во Третата лига, тогаш ќе има и нов второлигаш. Во вакви околности местото во ВМФЛ – Запад би го пополнила екипата на Фортуна, која како шампион на Третата лига – Север играше бараж натпревари со Воска Спорт и Беса Добри Дол кои беа подобри и обезбедија второлигашки статус за новата сезона.

Во секој случај, развојот на настаните зависи од тоа како ќе биде решена ситуацијата со Пелистер.

Поврзани Наслови

Следен Наслов:
Close
Back to top button
error: Текстот е заштитен !!