Пеколно дерби во Делчево меѓу Брегалница и Детонит, Карбинци домаќин на Хоризонт Турново

Во недела ќе се одигра 15. коло од Третата лига – Исток, натпреварите ќе стартуваа порано, односно во 13:00 часот поради полицискиот час кој започнува во 20:00-05:00 часот.
Брегалница Делчево – Детонит
Пеколното дерби ќе се одигра на Градскиот стадион во Делчево каде ќе се судрат Брегалница и Детонит. Два конкуренти за влез во Втора лига – Исток. Во претходното коло Брегалница гостуваше во Свети Николе каде одигра 0:0 со Овче Поле, додека Детонит и покрај лошите временски услови го надигра Карбинци на домашен терен со 4:0. Ваквите резултати го искачија Детонит на првото место на табелата со 35 бодови, колку што има и Брегалница која сега е втора поради полошата гол разлика. Но, недела е важен ден и за двете екипи. Изразит фаворит ќе нема, Брегалница ќе биде во блага предност бидејќи игра на домашен терен, иако нема публика на трибините, сепак имаат поповолна ситуација во однос на гостите од Радовиш. Детонит ја има најдобрата одбрана во лигата, но го има и најефикасниот напад. До крајот на сезоната остануваат уште осум кола, вклучувајќи го и 15. коло кое се игра во недела. Интересно е тоа што и двете екипи веќе во следното 16. коло повторно ги очекува клучен натпревар. Брегалница ќе гостува на „Кукуш“ кај Турново, додека Детонит на домашен терен го чека Овче Поле, па ќе биде многу важна победата во недела која ќе даде мотив плус за атак по трите бодови и во следното коло. Две врзани победи за Брегалница или Детонит ќе значи голем исчекор кон второлигашкото друштво.
Овче Поле – Василево
Екипата на Овче Поле која исто така е сериозен претендент за првото место на Градскиот стадион во Свети Николе ќе го пречека „фенерџијата“ Василево. Апсолутен фаворит на натпреварот ќе биде домашната екипа, која има далеку подобар квалитет, а секако игра многу подобро. Василево минатото коло се разбуди од зимски сон и одигра 3:3 со Чешиново па одвај стигна до четврти сезонски бод, кој не му дава надежи за опстанок во третолигашкото друштво.
Карбинци – Хоризонт Турново
Карбинци на домашен терен ќе има повторно тежок натпревар, минатото коло загуби со 4:0 на тешкото гостување во Радовиш кај Детонит, па веќе во недела ќе има повторно тешка задача со Хоризонт Турново кој атакува на прво место, а со тоа и враќање во Втората лига – Исток. Карбинци одигра солидна есенска полусезона, во пролетниот дел се уште пробува да се врати на таа форма, но не успева, па нанижа три последователни порази кој го симнаа на десетото место на табелата. Турново има одлична млада екипа која игра фантастично и веќе во недела доколку оствари победа кај „незгодниот“ противник ќе продолжи да го напаѓа првото место. Иако на гостински терен, сепак формата го фаворизира Турново за 11-ти сезонски трумф.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Малеш – Тиверија
Надежите на беровски Малеш за Втора лига паднаа во вода, па екипата сезоната ќе ја доигра за што подобар пласман на табелата. Веќе во недела на Градскиот стадион во Берово избраниците на Аврамски ќе имаат можност за прва пролетна радост, против струмичка Тиверија. Малеш за победа не знае од 6 декември кога во рамки на 9. колото со 8:1 го декласираше Василево, додека Тиверија во пролетниот дел има скор од 2 победи и еден пораз, па мотивот кај струмичани за напад на петтото место а со тоа и подобар пласман на табелата е голем. Во секој случај на „Димитар Беровски“ ќе гледаме неизвесен натпревар во борбата за три бодови.
Спартмани – Работник Џумајлија
„Разнишаниот“ Спартмани на домашниот терен во Градско Балдовци ќе ја пречека екипата на Работник Џумајлија. Домаќинот не знае за победа од 29 ноември минатата година, кога на домашен терен славеше над Малеш со 2:1 и од тогаш реди само порази. Неколку клучни играчи го напуштија клубот кој има бодовна залиха и со тоа се држи во живот и моментално е на осмото место на табелата, но пополека и таа се троши па екипата од коло во коло се спушта за по едно место, и може да падне во опасната зона. Гостинот од Лозово ќе има голема можност во недела да стигне до третиот сезонски триумф. Лошата сезона на Работник се должи на чести повреди на играчи, па со победа над Спартмани екипата би имала десет бодови и шансите за излез од опасната зона.
Раклиш – Чешиново
На Градскиот стадион во Радовиш екипата на Раклиш ќе го пречека Чешиново. Изразит фавотит на натпреварот ќе нема. Раклиш има поповолна ситуација бидејќи игра на домашен терен, но Чешиново има подобра форма, со што очекувањата би биле да гледаме неизвесен натпревар.