ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Пеколно дерби меѓу Овче Поле и Малеш, Карбинци гостува кај лидерот во Делчево

Во недела стартува пролетната полусезона од Третата лига – Исток со натпреварите од 12. коло.

Дербито на колото се игра во Свети Николе, каде ќе се соочат екипите на Овче Поле и Малеш, два конкуренти за прво место и влез во Втората лига – Исток. Домаќинот е на третото место на табелата со 24 бодови, домашниот терен ќе биде нивна предност, како и големото засилување Панчемски кој дојде токму од Малеш. Од друга страна, беровската екипа е четврта со 22 бодови, а во Свети Николе доаѓа сериозно засилена и со подигнат квалитет, а одличната форма ја покажа на контролните натпревари. Дербито во Свети Николе ќе понуди голема неизвесност, борба за победа, три бодови и цврсти дуели.’

>> МНОГУ ЗАСИЛУВАЊА И ПЕТ ФАВОРИТИ ЗА ВЛЕЗ ВО ВТОРА ЛИГА – ИСТОК, КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВ ВТОРОЛИГАШ <<

Лидерот Брегалница на Градскиот стадион во Делчево ќе ја пречека одличната екипа на Карбинци. Домаќинот ќе има тешка задача за трите бодови против одличниот и „незгоден“ противник, а од друга страна Карбицни доаѓа без притисок и со желба за докажување дека екипата има потенција да се носи со фаворитите, а доказ за тоа е големото дерби во Берово каде ремизираше со Малеш играјќи 2:2 во меч од 10. коло.

Детонит на домашен терен ќе биде апсолутен фаворит против екипата на Спартмани. Радовишани се едни од главните кандидати за враќање во Втората лига – Исток, квалитетот, формата и домашниот терен ги прават да бидат сигурни во трите бодови против екипата од Градско Балдовци.

Тиверија пролетниот дел го отвара на домашен терен против екипата на Чешиново. Струмичките фудбалери ќе треба да ја поправат лошата слика од есенскиот дел, бидејќи одиграа очајно и презимија со само 10 бодови на деветтото место на табелата.

Хоризонт Турново на „Кукуш“ ќе биде домаќин на Раклиш од Радовиш. Турновци исто така се главни кандидати за враќање во Втората лига – Исток, а на натпреварот во недела ќе бидат апсолутни фаворити за трите бодови.

>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<

Дербито од дното на табелата се игра во Василево, каде истоимената екипа ќе се соочи со Работник Џумајлија. Домаќинот е закован на дното од табелата со само три бодови, додека гостинот од Лозово е на претпоследното место со еден бод повеќе. Двете екипи ќе водат борба за опстанок, па дуелот ќе понуди голема неизвесна борба за трите бодови.

Сите натпревари стартуваат во ист термин, односно во 15:00 часот.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!