Печински: Брегалница ќе биде благ фаворит, но ние сме силно мотивирани и подготвени за победа и три бодови!

Во недела во Делчево се игра големото треголигашко дерби на Истокот во рамки на 11. коло од Третата лига – Исток. Мечот е важен и за двете екипи кои атакуваат за првото место и Втора лига – Исток. Брегалница во моментот со 25 бодови е не лидерското место, додека Малеш со три помалку е на третото место на табелата. Во изјава за Спортска Мрежа, претседателот на беровски Малеш, Новица Печински вели дека екипите се изедначени според квалитет и благата фаворитска улога ја препушта на домаќините, но додава дека фудбалерите на Малеш се силно мотивирани и подготвени за победа во Делчево и три бодови.
„Натпреварот во недела го очекувавме цела полусезона, знаеме каква тежина носи, не само оваа година туки и сите претходни. Затоа се нарекува локално дерби, секогаш било возбудливо и интересно, оваа есен се разбира неизвесно и мислам дека екипите се изедначени според квалитет. На домаќините им давам блага предност како фаворити, бидејќи нашиот состав е ослабен со пет првотимци. Никола Јоновски поради црвен картон, Ахмет Халитов и Ерол Пилов поради повреда нема да бидат на располагање во недела, неизвесен е натпреварот за уште двајца првотимци, но тоа нас не не демотивира, одиме мотивирани и спремни“, вели претседателот на Малеш, Печински и додава:
„Расположението во екипата е на високо ниво, играчите веруваат во себе, па и дека можеме да ги освоиме сите бодови“, завршува Печински.
Натпреварот се игра на Градскиот стадион во Делчево со почеток од 13:00 часот и истиот ќе се одигра без публика, согласно мерките и препораките за заштита од Ковид-19.