„Пандевци“ со пресврт до три важни бода против Борец, „лавовите“ го потопија Пелистер

Академија Пандев на СЦ „Пандев“ во Струмица му се реваншираше на Борец за поразот во Велес и со 2:1 славеше во меч од 16. коло од Првата македонска фудбалска лига. Гостите од Велес поведоа во првиот дел од натпреварот, а во вториот дел од натпреварот „пандевци“ го свртеа резултатот преку Радески, кој напрво постигна гол за 1:1 од пенал, а потоа со одличен гол во 88. минута донесе водство од 2:1. Важна победа и важни три бодови за Академија Пандев која конечно излезе од опасната зона и сега е на десетото место со 14 бодови.
Пелистер немаше сили за Македонија Ѓорче Петров која преку Калид дојде до нова победа во ПМФЛ. „Лавовите“ први дојдоа до водство, а стрелец на голот беше Абдул Басит Калид, за потоа битолчани да израмнат на 1:1 преку Илиевски. Избраниците на Жикица Тасевски беа подобар ривал, креираа шанси и напаѓаа за нов гол, а истиот беше постигнат во 85. минута повторно преку Калид со што три бода останаа во Ѓорче.
Работнички одигра одличен меч и ја надигра Ренова на „Тодор Проески“ во Скопје и со убедливи 3:1 запиша нова победа во ПМФЛ. Домаќините први дојдоа до водство, откако Ѓорѓевиќ постигна гол со глава во 41. минута. Во вториот дел клубот од Дебар Маало играше одлично, а тоа го потврдија со втор гол кој го постигна Николче Шаркоски за 2:0. „Гипсарите“ немаа решение за расположениот Работнички кој во 69. минута преку Станковски зголеми на 3:0. Во 75. минута Шефик Шефити постигна гол за конечни 3:1.
Вардар има зошто да жали на денешното гостување кај Шкупи, каде ремизираше играјќи 1:1. Први до водство дојдоа избраниците на Александар Васоски, преку пенал кој успешно го реализираше Мицевски во 77. минута од натпреварот. Неколку минути подоцна актуелниот првак имаше можност да го зголеми водство, но, следуваа неверојатни промашувања. Мирчевски ја погоди стативата, а одбиената топка ја собра Цветановски кој ја погоди пречката. Кога сите очекуваа дека тоа би бил конечниот резултат, Дарбо доби топка и постигна гол за 1:1.
Силекс и Струга Трим Лум ремизираа без голови во Кратово. Домаќините има зошто да жалат, бидејќи им беше досуден пенал, а одговорноста ја презеде Денис Ристов, кој при изведувањето се лизна и топката заврши високо над голот на Струга, со што резултатот остана на 0:0. До крајот на натпреварот Силекс имаше неколку големи шанси кои не успеа да ги претвори во гол. Струга си заминува со голем бод од тешкото гостување во Кратово.
Лидерот Шкендија очекувано запиша победа над „фенерџијата“ Беласица на домашен терен со сигурни 2:0. Иако Беласица одигра солидна игра, сепак немаше сили за изненадување над избраниците на Ѓока. Резултатот беше отворен пред крајот на првиот дел преку Бејтулаи за 1:0, резултат со кој се замина на полувреме. Вториот дел започна со отворена игра од двете страни. Домаќините преку Бесарт Ибраими во 60. минута зголемија на 2:0, резултат кој остана до крајот на натпреварот.
Шкендија е лидер на табелата со 36 бодови, четири помалку имаат Шкупи и Македонија ЃП кои се на делба на второто место. На долниот дел е Беласица со 9 бодови и Пелистер со 12.