„Пандевци“ сакаат триумф над Брегалница и сигурен излез во Европа, Работнички го чека Скопје

Денес на програмата се два натпревари со кои ќе се отвори 29. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Revolution Development е софтверска компанија посветена на развој на врвни решенија за бизниси
Во Струмица ќе се соочат Академија Пандев и Брегалница каде струмичани сакаат триумф над штипските „сини“ кој ќе биде прв во сезоната, откако на претходните две пресметки Брегалница славеше во Штип (3:2), а пак во Струмица средбата заврши без победник и без погодоци (0:0).
„Пандевци“ во претходното коло забележаа голема и многу важна победа над Ренова во Тетово со што сега се на второто место на табелата со два бода повеќе во однос на Шкендија и Македонија ЃП кои го делат третото место и веќе утре ќе играат дерби за Европа. Брегалница на последните пет натпревари не знае за триумф, има скор два порази и три ремија, па денес ќе се обидат на тешкото гостување во Струмица да извлечат позитивен резултат.
Марјан Ецкоски од Охрид ќе биде на центарот во Струмица каде ќе ја дели правдата на мечот кој ќе стартува во 16:00 часот.
На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Работнички ќе го пречека тимот на Скопје во скопската пресметка која е закажана за во 16:00 часот.
Работнички по тренерската смена забележа две победи (против Брегалница со 0:3 и против Тиквеш со 1:0), но во претходното коло ја загуби скопската пресметка од „лавовите“ во Ѓорче. Од друга страна пак „пиратите“ нанижаа два последователни порази и пак се спуштија на десетото место на табелата и остануваат во бараж зоната за опстанок.
Во однос на меѓусебните дуели и двете екипи имаат по една победа и тоа на гостински терен. Скопје триумфираше на Националната арена над Работнички со минимални 0:1, а пак Работнички го доби Скопје во Автокоманда идентични 0:1.
Правдата на овој меч ќе ја дели Игор Стојчевски.