ЕУРО 2020ФудбалФудбал - Македонска репрезентација

Пандев: Ова за мене е последен натпревар во дресот на репрезентацијата!

Македонија утре го игра последниот натпревар на Европското првенство против репрезентацијата на Холандија во рамки на третото коло од групата Ц.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев на прес-конференцијата пред натпреварот со Холандија изјави дека утрешниот натпревар е последен меч во неговата репрезентативна кариера.

„Ова за мене е последен натпревар во дресот на репрезентацијата. И јас и колегите и селекторот остваривме нешто што не знам дали некоја друга генерација ќе го оствари. Ова е прав момент да се простам од репрезентацијата. Оваа генерација може да ни донесе многу радости и во иднина, па верувам дека ќе изборат и Светско првенство. Утрешниот натпревар е посебен, среќен сум што се простувам на големо натпреварување, бидејќи сонот ми се оствари и подобро простување од натпреварот против Холандија на „Јохан Кројф Арена“ не можев да посакам. Имам емоции, но знам како да се носам со вакви ситуации. Можеби по натпреварот ќе ми биде чудно, затоа што не знам како ќе продолжи мојата кариера. Сакав да завршам пред полни трибини во Скопје, затоа се спомнуваше опцијата да настапам против Германија. Но, ова е дефинитивен крај и веројатно ќе завршам и со клупскиот фудбал и ќе ја ги „закачам копачките на клин“. Играње на два фронта на 38 години за мене е преголем товар и ова е дефинитивен крај на репрезентативната кариера. Утре треба да бидеме храбри, да играме отворено како во второто полувреме против Украинците. Холандија е многу моќна, но можеме да ги изненадиме“, изјави Пандев.

Македонија претходно загуби од Украина (2:1) и Австрија (3:1) со што шансите за пласман во следната фаза се изгубени.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!