Охрид промовираше три засилувања за новата сезона, а се раздели со четири играчи

Охрид одигра турболентна сезона и на крај успеа да обезбеди опстанок во Втората македонска фудбалска лига за следната натпреварувачка сезона.
Охриѓани денес ги промовираа првите три засилувања за следната сезона од Втора лига, која ќе биде единствена со 16 клубови. Нови играчи се крилниот напаѓач Дарко Размоски, левиот бек и младински репрезентативец до 18 години Хадис Таири, како и Мирлинд Даути, фудбалер од средниот ред.
22-годишниот Размоски во Охрид доаѓа од градскиот ривал Воска Спорт, а претходно настапуваше за Пелистер, Беласица, штипска Брегалница и Академија Пандев. 17-годишниот Таири во Охрид пристига од редовите на Велешта, која отпадна во Трета лига – Југозапад, а претходно настапуваше за Њу Старс, Јанг Тим и Фламуртари. Даути, кој има 21 година во Охрид доаѓа исто така од Велешта, а во својата кариера има настапувано за Тетекс, Силекс, Шкендија и Караорман.
„Додека играчите одмараат, управата со полна пареа се подоготвува за новата сезона. Преговори се вршат со нови играчи и со досегашните за продолжување на соработката. Продолжува соработаката со сите досегашни играчи кои го носеа дресот на Охрид минатата сезона. Охрид му се заблагодарува за досегашната соработа и му посакува успех во понатамошната кариерата на Игор Клечакароски, Саше Шопоски, Марко Стојчески и Ромео Кочоски“, велат од клубот.
Охрид се раздели и со четворица фудбалери- Игор Клечакароски, Саше Шопоски, Марко Стојчески и Ромео Кочоски.