Охрид домаќин на Кораб, Тетекс гостува кај лидерот Скопје

Во сабота ќе се одиграат четирите натпревари од 21. коло од Втората лига – Запад.
Велазерими – Кадино
Неизвесен и израмнет дуел ќе гледаме на Градскиот стадион во Кичево, каде ќе се судрат Велазерими и Кадино. Домашната екипа на последните пет натпревари не знае за победа, а во пролетната полусезона собра само два бодови, кои не се доволни за сигурен опстанок, со оглед на фактот дека Тетекс и Кадино прават притисок токму за шестата позиција. Од друга страна, Кадино минатото коло одигра одличен натпревар и на домашен терен одигра 0:0 со лидерот Скопје, па од тука мотив плус во Кичево да атакува на трите бодови кои се многу значајни во борбата за сигурен опстанок.
Скопје – Тетекс
Лидерот Скопје на домашен терен ќе ја пречека екипата на Тетекс. Домашната екипа која ита кон Прва лига ќе важи за голем фаворит на „Железарница“ која има далеку подобар квалитет и има фантастична форма. За Тетекс се освен пораз ќе биде позитивен исход од тешкото гостување кај „пиратите“. Тетовчани водат борба за сигурен опстанок во второлигашкото друштво, а во минатото коло на домашен терен го шокираа фаворитот Велешта со 2:1, па во сабота ќе се обидат да направат ново изненадување и да стигнат до втора победа во пролетниот дел.
Велешта – Дрита
Екипата на Велешта на домашен терен ќе се соочи со Дрита од Боговиње. Домашната екипа минатото коло неочекувано загуби од Тетекс со 2:1 и не успеа да врзе трета последователна победа, па веќе во сабота на натпреварот против Дрита ќе има можност да се врати на победите каде ќе важи за фаворит. Од друга страна, гостинската екипа од Боговиње ќе биде пред сериозен тест, победа или во најлош случај реми, со цел да остане во чекор со Тетекс и Кадино кои веќе атакуваат кон шестата позиција, а со тоа да обезбедат и сигурен опстанок.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ВТОРАТА ЛИГА – ЗАПАД ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Охрид – Кораб
Охрид Лихнидос во сабота ќе биде домаќин на екипата на Кораб од Дебар. Охриѓани играат фантастична сезона и се во топ форма, а во досегашниот тек од сезоната покажаа дека домашниот терен е тешка тврдина за противниците. Охрид на домашен терен има скор од девет победи и само еден пораз, додека на последните пет натпревари одиграни на домашен терен охриѓани имаат пет победи, па тоа е доволен факт дека Кораб во сабота го чека тежок дуел, а фаворитската улога дефинитивно е на страната на охриѓани.
Сите натпревари ќе стартуваат во 15:00 часот, а дел од натпреварите ќе може да се следат во ЖИВО и на Спортска Мрежа со преноси овозможени од ФФМ.