ОФИЦИЈАЛНО: Наместо шест, од Суперлигата ќе испаднат четири екипи!

Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија го прифати предлогот на клубовите, наместо шест екипи ќе испаднат четири екипи од Суперлигата.
На стартот на сезоната беше предвидено во плеј-аутот првопласираната екипа да има сигурен опстанок во Суперлигата, додека второпласиранат да игра бараж со првопласираната од Првата ракометна лига, а сите останати да испаднат.
Со новите измени, првите три екипи ќе имаат сигурен опстанок и во следната сезона ќе се натпреваруваат во Суперлигата, додека четвртопласираната екипа ќе игра бараж за опстанок со првопласираната екипа од Првата ракометна лига. Екипите кои ќе ја завршат сезоната од петтото до осмото место во плеј-аутот во следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата ракометна лига.
Во плеј-аутот борба за опстанок ќе водат Тиквеш, Младост Богданци, Радовиш, Работнички, Прилеп, Астраион Струмица, Голден Арт КЛ7 и Јуниор Кисела Вода.
Останува дополнително да се одлучи дали СЕХА екипите Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се приклучат во регуларниот дел од сезоната како што беше најавено или ќе остане да се приклучат во плеј-офот, како што беше и досега.