ФудбалФудбал - Прва женска лига

Од следната сезона и Втора женска фудбалска лига – еве кои екипи ќе останат во Првата лига

Од следната сезона 2021/22 во Македонија за прв пат ќе има Втора женска фудбалска лига. Во моментот во Првата женска фудбалска лига се натпреваруваат 15 екипи и од истата сигурен опстанок ќе имаат само првите осум екипи, сите останати ќе испаднат и следната сезона ќе се натпреваруваат во Втората женска фудбалска лига.

Покрај екипите кои што ќе испаднат од ПЖФЛ, во ВЖФЛ ќе се натпреваруваат и сите екипи кои за прв пат ќе пријават учество со сениорска екипа.

Битката за опстанок во ПЖФЛ ова сезона ќе биде голема, бидејќи испаѓаат дури седум екипи. Според бодовната залиха од есенскиот дел, можеме да кажеме дека пет екипи веќе имаат сигурен опстанок во Првата лига, додека останатите три места се „слободни“.

Актуелниот шампион Каменица Саса кој воедно е и есенски шампион има 39 бодови, второпласирана е Тиверија од Струмица со 34 бодови, додека третопласираната Деспина од Прилеп, Скопје и Ас Јунајтед од Струга имаат по 34 бодови и овие екипи сигурно го задржуваат прволигашкиот статус и за следната сезона.

Останатите екипи ќе водат битка за трите места и задржување на прволигашкиот статус. Со најголеми амбиции за опстанок и атак на куп-титула влегува Љуботен, кои донесе големи засилувања – две бразилски интернационалки, репрезентативно засилување на голманската позиција, како и неколку други засилувања кои ќе бидат официјализирани во текот на јануари. Љуботен е најактивен на трансфер пазарот и со квалитетните засилувања клубот дефинитивно ќе обезбеди опстанок за следната сезона, што значи ќе останат две места за обезбедување на опстанок.

Две екипи веќе се отпишани од Првата лига, тоа е „фенерџијата“ Кочани кој есенскиот дел го заврши без освоени бодови, како и Плачковица од Радовиш која успеа да запише само една победа и да освои три бодови, со што заврши на претпоследното место на табелата. Овие две екипи од следната сезона доколку продолжат со натпреварувањето ќе бидат второлигаши.

Екипите од шестото место до 13-тата позиција ќе водат борба за опстанок, тоа се Речица, СЦ Истатов, Шкендија, Топ Гол, Љуботен, Борец, со помали шанси Шкупи и Атлетико.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!