Младост убедлив против Астраион, Прилеп го сруши КЛ7 во Скопје, Јуниор КВ славеше над лидерот Тиквеш

Младост на домашен терен во Богданци со убедливи 30:19 го надигра Астраион. Домашниот состав беше фаворит и во текот на целиот натпревар имаше водство, а младите струмички ракометари имаа сили да стигнат само до израмнување на резултатот, 17:17 по што Младост повторно го врати водството и не дозволи никакво изненадување, а на крај славеше со убедливи 30:19. Лашчакоу и Лупашко со по шест гола беа најдобри во редовите на Младост, додека кај Астраион со по пет погодоци најдобри беа Кавазов и Касапов.

Ракометарите на Прилеп стигнаа до голема победа откако среде Скопје го срушија КЛ7 со 35:36. Скопскиот состав долго време имаше водство, но прилепчани се вратија во игра и во еден неизвесен финиш ги зграпчија трите бодови со што остануваат на второто место со 15 освоени бодови. Кристијан Симоновски кај КЛ7 постигна десет погодоци, а десет постигна и Реваз Чантурија кај Прилеп.
Лидерот Тиквеш на домашен терен во Кавадарци загуби од Јуниор Кисела Вода со 29:31. Неизвесен и возбудлив натпревар во „Јасмин“ со среќен крај за гостите од Скопје. Најдобри кај домашните беа Јанчев и Симиќ со по шест гола, додека кај гостите од Скопје најдобар беше Мршуља со десет гола, а по седум постигнаа Гичев и Бајрактаревиќ.

Тиквеш со 18 бодови е прв на табелата, на второ место е Прилеп со 15 бодови, а исто толку има и третопласираниот КЛ7. На четвртото место е Младост со 13 бодови, а по 12 бодови имаат Работнички и Радовиш. На седмата позиција е Јуниор КВ со 10 бода, додека на последното место е Астраион без освоени бодови.