ФудбалФудбал - Прва женска лига

Миловановиќ: ЖФК Љуботен е вистинскиот избор за продолжување на мојата кариера, ќе го вратиме клубот на врвот од табелата!

Последно големо засилување во женскиот фудбалски клуб Љуботен е Србинката Анѓела Миловановиќ која е универзален играч од средниот ред, а воедно и креативец со што средниот ред на тетовскиот клуб треба да функционира безпрекорно како во фазата на нападот така и во фазата на одбрана.

Спортска Мрежа направи интервју со искусната српска фудбалерка, каде разговаравме за нејзините почетоци, развојот на кариерата, трансферот во Македонија, како и за квалитетот и организираноста на женскиот шампионат во Македонија и Србија.

„Почнав да играм фудбал на 4-годишна возраст, наместо да седам во соба и да играм со барбики, татко ми ме извади во дворот ми покажуваше трикови со топката. Како одминуваше времето, топката го привлече моето внимание. Почетоците во фудбалот… Да речеме, сè започна во основно училиште. По часовите, јас и моите пријатели веднаш си заминувавме дома, бргу ги остававме ранците и се упатувавме кон теренот за да играме фудбал. Со тек на времето, во местото каде што живеам беше основан клуб. Имав чест да бидам поканета од тренерот на машката екипа и да тренирам со нив. Јас и мојот тим имавме многу добри резулатти. Поминаше времето, а ние од ден во ден станувавме покомплексни, упорни, сложни и вредни. По пријателскиот натпревар со Чукарички, еден од тренерите го повика татко ми и му рече дека сака да дојдам на тренинг на ЖФК Ѕвезда. Тоа беа моите први чекори во женскиот фудбал. Сè останато беше само труд и напорна работа“, вели Миловановиќ.

Србинката позната и како „АМ11“ вели дека македонскиот фудбал се развива, а во однос на квалитетот и организираноста вели дека српската лига е подобра и поквалитетна, но е сигурна дека со добрата работа на федерацијата и преку проекти на УЕФА со клубовите и македонската лига за брзо ќе стане конкурента, добро организирана, квалитетна и интересна како за луѓето во Македонија, и надвор од неа.

„Знам дека македонскиот фудбал се развива. Ги следев натпреварите на српската и македонската репрезентација и навистина може да се види разликата во пристапот кон самата игра, но и во многу технички и тактички работи. Верувам дека следната година, кога шампионатот ќе има само осум клубови, смата лига ќе биде многу поинтересна и повозбудлива, а со тоа и поквалитетна. Во моментов, српската лига е поквалитетна и подобро организирана, но сигурна сум дека преку добрата работа на федерацијата преку проекти на УЕФА со клубовите и македонската лига за многу брзо ќе стане конкурентна, добро организирана, квалитетна и интересна за луѓето во Македонија, и надвор од неа. Што се однесува до напредокот, како што лигата „расте“, така сите заедно ќе напредуваме побрзо и полесно…“, ни изјави српската фудбалерка.

Спортскиот директор на Љуботен, Небојша Бреѓан е заслужен за овој трансфер, како што вели Србинката, Бреѓан е тој кој што се грижи за развојот на нејзината кариера, а Љуботен е вистинскиот избор за развојот на нејзината кариера. Очекува клубот да се врати на врвот од табелата, каде што му е местото.

„Небојша Бреѓан, спортскиот директор на Љуботен, но и човекот кој се грижи за развојот на мојата кариера, лесно ме убеди дека Љуботен, со амбициозно раководство, добар тренер и млад тим, е вистинскиот избор за продолжување на мојата кариера. Мислам дека можеме да постигнеме многу повисок пласман од сегашниот и да го вратиме клубот каде што припаѓа, а тоа е на врвот на табелата“, додава „АМ11“.

Искусната фудбалерка вели дека Македонија е многу слична на Србија, со добри луѓе и вкусна храна.

„Она што го знам за Македонија е тоа дека е многу слична на Србија, земја на срдечни луѓе, вкусна храна и прекрасна природа. Досега немав премногу контакти со фудбалерки во Македонија, но, сега сум сигурна дека ќе сретнам многу квалитетни фудбалерки и луѓе“, ни изјави Миловановиќ.

Миловановиќ во Тетово треба да пристигне околу 23 и 24 јануари.

„Според некој првичен план, моето пристигнување ќе биде помеѓу 23 и 24 јануари“, завршува Србинката.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!