РакометРакомет - Суперлига

Мијалов: Нè очекува тежок плеј-аут, разговараме за засилувања, се надевам РФМ ќе ја разгледа можноста за испаѓање на помалку екипи!

Ракометниот суперлигаш Радовиш не обезбеди плеј-оф во групата А, па напролет ќе игра плеј-аут од каде ќе води борба за опстанок во ракометната елита. Спортска Мрежа направи интервју со стратегот на радовишани, Љупче Мијалов, каде разговаравме за регуларниот дел, за предизвиците во плеј-аутот, за засилувања, како и иницијативата со која се бара од Ракометната федерација на Македонија да испаѓаат помалку екипи.

Регуларниот дел од Суперлигата РК Радовиш го заврши на петтото место на табелата во групата А и со тоа не успеа да обезбеди плеј-оф и сигурен опстанок. Како тренер на РК Радовиш, како го коментирате регуларниот дел од сезоната и каде клубот најмногу потфли, што беше пресудно за да го испуштите плеј-офот ?

За жал не успеавме да се пласираме во плеј-оф и со тоа директен опстанок. Па можам да кажам дека имавме добра сезона, обработивме добри припреми, изигравме доста добро на пријателските натпревари, но пред првиот натпревар имавме повреди на двајца играчи и двајца кои поради проблеми со регистрацијата не настапија на натпреварот со Астарион во Струмица, каде го изгубивме натпреварот кој на крајот се покажа најбитен. Потоа следуваше период на корона каде влеговме во карантин и се покажа како главен фактор за нашата форма и каде постојано бевме со некомплетен состав, така да беше тешка полусезона за сите, но што е тука е продолжуваме напред, ни изјави Мијалов.

Плеј-аутот и опстанокот во сезоната ќе биде тежок, дали РК Радовиш планира да донесе нови засилување и на кои позиции би се засилил клубот ? Дали имате преговори со нови играчи и дали може да очекуваме за брзо време и официјализирање на некои трансфери во Радовиш ?

Плеј-аутот ќе биде многу потежок, сите екипи се добри и располагаат со квалитетни играчи, а во голем дел од екипите има и играчи од други држави. Нашата екипа е составена од домашни играчи и планираме прво да бараме домашни играчи, а истовреме ќе бараме и од соседните држави. Засега нема ништо официјално, но се надевам во најскоро време да најдеме, додава стратегот на радовишани.

Тешка пролет ќе биде за Радовиш, во борбата за опстанок. Како гледате и како го коментирате плеј-аутот ?

Многу тешка пролет и уште потежок плеј-аут, нема фаворити, резултатите ќе зависат најмногу од здравјето на играчите и долгата клупа. Се надевам дека РФМ ќе ја разгледа можноста за помал број на екипи за отпаѓање и мислам дека со оглед на ситуацијата и случувањата во првата полусезона најдобра опција е две или три екипи да отпаднат, смета тренерот Мијалов.

Кога РК Радовиш ќе стартува со подготовките за вториот дел од сезона и дали планирате да одиграте пријателски натпревари пред почетокот на сезоната ?

За вториот дел од сезоната планираме да започнеме втората половина од јануари околу 20-ти или 21-ви ако започне сезоната навреме односно почетокот на март. И, секако имаме планирани 4 до 5 пријателски натпревари. Но, со оглед на ситуацијата со вирусот и како ќе се игра вториот дел дали неделни натпревари или пак во згуснат распоред останува да видиме и да испланираме подетално, завршува Љупче Мијалов.

Во плеј-аутот ќе разигруваат осум екипи за опстанок во Суперлигата. Од групата А се екипите на Радовиш, Голден Арт КЛ7, Јуниор Кисела Вода и Астраион, додека од групата Б се екипите на Тиквеш, Прилеп, Работнички и Младост Богданци.

Во плеј-офот се четири скопски, две битолски екипи, Охрид и Струга кои ќе се борат за титулата и местата во Европа.

Reklama

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!