Михаилов: Задоволни сме од постигнатото, разговараме за нови засилувања, натпреварите ќе се следат во живо!

Третолигашот Карбинци одигра солидна есен и заврши на осмото место на табелата во Третата лига – Исток со 13 освоени бодови и со можност за прогрес од неколку места погоре. Клубот којшто после долга пауза се реактивира успеа во Берово да дојде до голем бод против големиот фаворит Малеш играјќи 2:2, а во последното коло одигра од есенскиот дел одигра фантастичен натпревар во којшто славеше со 4:3 над Василево, а четири голови Карбинци ги постигна до 14. минута од мечот.
Спортска Мрежа разговараше со Тони Михаилов член на управата на Карбинци и одговорен за односи со јавност за постигнатите есенски резултати, за очекувањата во пролетниот дел, за испразнетото тренерско место, за нови засилувања, за теренот во Карбинци…
Карбинци одигра одличен финиш од есенскиот дел и заврши на осмото место на табелата во ТМФЛ – Исток со 13 бодови, колку сте задоволни од остварените резултати ?
„Со оглед на тоа дека нашиот фудбалски клуб се реактивира после подолга пауза, секако сме задоволни од постигнатите резултати. Освоените 13 бодови се во рамките на нашите очекувања и предвидувања, со оглед на тоа дека како клуб практично почнавме од нула. Погледнато сега, по завршувањето на есенскиот дел, дури и би рекле дека сме можеле да имаме и три-четири бода повеќе, но тоа е сепак релативно. Има натпревари на кои сметавме дека ќе постигнеме успех, а потфрливме, како со Тиверија, но и такви на кои сепак играчите се надминаа. Во едно вака силно првенство, да се остане непоразен со лидерот Брегалница, со апсолутниот фаворит Малеш на негов терен, со Чешиново во моменти кога беше лидер на табелата, сепак е за респект. Посебно сме горди на серијата од шест натпревари без пораз, од средината па до крајот на есенскиот дел на првенството. Нашите амбиции и пред почетокот, а и сега, остануваат да се најдеме во горниот дел од табелата, но пред се да бидеме пример на организиран клуб, а играчите на натпреварите да покажуваат желба за надигрување, но и фер и коректен однос“, вели Михаилов.

Дали екипата за пролетниот дел останува иста, односно дали ќе има играчи што ќе си заминат ?
„По завршувањето на последниот натпревар со Василево, на сите играчи им беше соопштено дека клубот смета на сите оние кои го понесоа товарот во полусезоната, и остануваме на тој став. Доколку има барања од поединци да си заминат, секако дека нема да ги спречуваме, но ќе настојуваме да го задржиме составот. Дел од играчите кои не добија доволна минутажа досега, секако дека ќе имаат и понатаму можност да се изборат за место, и клубот таа можност сигурно ќе им ја овозможи“, ни изјавија Михаилов.
Дали Карбинци размислува за засилување за пролетниот дел и на кои позиции би се засилил ? Дали имате разговори со конректни играчи ?
„Во плановите на управата темата засилувања оди до бројка од двајца, најмногу тројца играчи, има одредени разговори, но уште ништо не е конкретизирано. Во досегашните натпревари се покажа дека ни се потребни играчи во средината на теренот, во фазата на креирање на игра, и донекаде во нападот, и во таа насока се нашите размислувања. Реално, од одбраната сме задоволни, бидејќи иако екипата има примено 20 голови на 11 натпревари, речиси половината од нив се на само две средби – на оној за нас чуден натпревар со Овче Поле, кој можеби го одлучи примениот прв гол на самиот почеток на натпреварот, по што колата тргна надолу и примивме дури шест, и три гола во последното коло, кога против Василево поведовме со 4:0 до 15 минута, по што уследи олабавување и примивме три гола. На сите останати средби, нема натпревар на кој сме примиле повеќе од два гола, што радува. Значи, треба да работиме на ефикасноста“, заклучува Михаилов.

Околу испразнетото тренеско столче, дали имате разговор со некое име и кога би следела официјална промоција на нов тренер ?
„Сериозно размислувавме за решение околу тренерската позиција, повеќе опции беа во игра, но по анализата на постигнатото досега, посебно со оглед на тоа дека игрите и резултатите беа позитивни, решивме со тренажниот процес да продолжи да работи Стефан Костадиновски, кој истовремено е и играч во екипата, и кој ги водеше тренинзите во втората половина од есенскиот дел, но сега во соработка со уште еден од поискусните играчи, Јоце Велинов, кој е член на клубот од поодамна и сметаме дека заедно со Костадиновски успешно ќе ги водат тренинзите и ќе ја задржат и позитивната атмосефра во екипата. Велинов истовремено е сеуште и во план за настап на натпреварите, но во есенскиот дел заработи повреда и најверојатно на пролет и во играчкиот дел ќе го даде својот придонес“, додава Михаилов.
Кога ги започнувате подготовките за пролетниот дел од сезоната и дали се планирани пријателски натпревари ?
„Официјален старт на подготовките за пролетниот дел е закажан за 10 февруари (со оглед на тоа дека првенството треба да продолжи на 14 март). Претходно, по завршувањето на новогодишните и божиќни празници, доколку протоколите и мерките за заштита од Ковид 19 дозволат користење на сала, дел од подготовките би се одвивале и во некоја од спортските сали, но за жал тоа не зависи од нас и мерките се строги и ја ограничуваат таа можност. Секако дека планираме и подготвителни натпревари, периодот дозволува три, максимум четири контроли. Во поглед на противниците, мораме да истакнеме дека остваривме добра соработка со екипите од третата фудбалска лига, и најверојатно со дел од нив ќе ги договориме и пријателските средби“, надополнува Михаилов.

Кои се вашите очекувања за пролетниот дел од сезоната – вашите цели ?
„И претходно кажавме, амбициите се пласман во горниот дел од табелата, што значи барем две места над сегашното осмо место. Тоа е реалност, со оглед на бодовната залиха која ја направија 4-5 екипи кои се со аспирации за влез во Втората лига. Се надеваме и на пролет да не признавме фаворити и да им „поматиме“ сметки, со чесна игра на сите натпревари, но за нас сепак многу важно е покрај добра игра од играчите, да се потврдиме како организиран клуб и во поглед на односот кон екипите кои ќе гостуваат во Карбинци, така и кон нашите играчи и создавањето на добри услови за нив. Планираме обновување и подобрување на теренот, истовремено во соработка со локалната самоуправа во план сме да оспособиме уште еден терен (во с. Таринци), каде ќе можат да се одвиваат дел од тренинзите. Засега, единствен поддржувач и финансиер на клубот останува Општината Карбинци, но се надеваме дека ќе наидеме и на желба за поддршка и од бизнис секторот, со што дефинитивно и амбициите би биле поголеми. Истовремено, ќе продолжиме со транспарентноста во работењето, и напролет сите натпревари на ФК Карбинци ќе бидат пренесувани во живо на фејсбук профилот на клубот“, заврши Михаилов.
Карбинци пролетниот дел отвара на гостински терен во Делчево каде ќе се соочи со есенскиот шампион Брегалница.