Михаилов: Сака ли некој да го уништи третолигашкиот фудбал на Истокот, дали се калкулира со второлигашките места, или му одговара третолигашите да згаснат ?

Никој со прст не мрда кога е во прашање третолигашкиот фудбал во Македонија. Од пет региони само два ја започнаа сезоната на време – Југозапад и Запад, додека пак Југ минатиот викенд ја стартуваше новата сезона која со вонредни кола (играње среди) ќе треба да се одигра цела сезона до крај на мај.
Трета лига – Исток и Трета лига – Север продолжуваат со „зимскиот сон“ и сигурно овде фудбал нема да се игра барем не до септември. Третолигашите од овие два региони се крајно револтирани и цело време бараат одговор – зошто не се игра третолигашки фудбал во овие два региони, иако клубовите се спремни и сакаат да се натпреваруваат.
Последен во низата со реакции е Тони Михаилов – член на управата третолигашот Карбинци, клуб кој се натпреварува во Трета лига – Исток. Михаилов јавно прашува дали некој намерно сака да го уништи фубалот во источниот дел на Македонија, дали се калкулира со второлигашките места, и дали навистина некому му одговара третолигашите од Истокот да згаснат ?
Михаилов, исто така, прашува колку и пополнувањето на Втора лига ќе биде регуларно ако не се играат сите првенства предвидена во системот на ФФМ?
ЦЕЛОСНОТО СООПШТЕНИЕ:
„Започна март, некои трети лиги започнаа со натпреварување, Истокот и понатаму неинтересен за надлежните. И пак се поставува прашањето – сака ли некој намерно да го уништи фудбалот во овој дел на Македонија? Дали се калкулира со второлигашките места, дали навистина некому му одговара третолигашите од истокот да згаснат? Колку и пополнувањето на Втората лига ќе биде регуларно ако не се играат сите првенства предвидени во системот на ФФМ? Реагираат дел од третолигашите кои настапуваат и на кои ФФМ им дозволи да играат, дека и да започне истокот, не треба да конкурира за влез во Втора лига, бидејќи тие во меѓувреме трошеле за вакцинирање, за тестови… А дали некој може да одговори на прашањето колку навистина се вакцинирани играчите од тие клубови, колку се тестираат…или аршините се различни зависно од тоа од кој дел на државата потекнуваат клубовите. Да не се заборави:
-На клубовите од Третата лига исток во ниту еден момент не им беше понудено и кажани услови под кои би се играло првенството. Ниту еднаш од летото лани досега никој официјално не им кажа „ќе играте под тие и тие услови“. Едноставно, никој никогаш не се позанимава со ова прашање. Некој ОФС немал судии, некој немал капацитет, а богами јавна тајна е дека фудбалот е жртва и на кавгата меѓу ФФМ и ОФС Струмица.
-Клубовите лани сами инсистираа на средба во ФФМ, каде ја искажаа желбата да започне првенството, добија ветувања, но, од тоа ништо до ден денеска
-многу од клубовите не добија ниту ваучер од АМС, иако претходно беа на ранг листата, па прашање е дали и овде прсти не вмешала политиката. Големи пари и од овој систем на поддршка добија големите и богати клубови, а оние на кои им е најтешко не добиваат ништо, или симболични средства. Наместо ФФМ да се потруди да ги помага овие клубови кои во најголем дел се соочуваат со финансиски потешкотии, таа не се ни интересира дали воопшто ќе се игра фудбал. Каква ќе биде иднината на македонскиот фудбал? Само Прва и Втора лига, помош и ветувања на малите третолигаши само кога ќе треба да се добие глас за да се остане во фотељите? Да не зборуваме дека имаше времиња кога имаше силни општински лиги. Кога ќе се сфати дека прволигашите се професионални клубови, така е и со втората лиога, а Третата лига е на аматерска основа, но и таму на играчите треба да им се обезбеди надоместок. ФФМ со мали издвојувања од богатиот буџет може многу да им помогне на малите клубови, но како тоа да го очекуваме, ако ете не се интересира и дали воопшто ќе има фудбал. Март е, кога нормално би требало веќе да започне пролетниот дел од првенстбото, а на клубовите само им се даваат празни зборови. Во таква ситуација, илузорно е да очекуваме дека некој ќе размислува и за да им помогне. Битна е првата лига, втората, и само некои трети. Очигледно се останато не е потребно.“
Спортска Мрежа како единствен спортски портал во Македонија кој во целост ја работи Третата македонска фудбалска лига преку професионално известување за сите натпревари со детални извештаи со стрелци, статистики, анализи, интервјуа многу пати до сега јавно го пренесе ставот и револтот на третолигашите, јавно прашувавме зошто нема третолигашки фудбал во овие два региони – Исток и Север, но одговори нема.
За жал, третолигашкиот фудбал во Македонија ќе продолжи да пропаѓа.