Металург го запиша првиот европски бод со Фајверс

Металург дојде до првиот европски бод во оваа сезона, откако на домашен терен одигра нерешено 33:33 со Фајверс со рамки на Европската лига на ЕХФ.
Екипата од Автокоманда во првиот дел од мечот одигра лошо, додека во вториот одигра одлично и се врати од негативата, да дојде до водство, за на крај да има возбудлива завршница со делба на бодовите.
Гостите од Австрија отворија одлично и имаа водство од 1:4, додека домаќинот се обидуваше да ја намали негативата. Во 20. минута од мечот гостите имаа предност од 5 гола при 10:15. Металург почна да игра подобро направи серија и намали на 15:17, а на полувреме се замина со 16:19.
Во вториот дел Металург играше многу подобро и направи серија од 4:0 и дојде до 20:20, а Рниќ погоди за прво водство на тимот од Автокоманда со 21:20. Во 45. минута домаќинот имаше предност од 26:24, па дојде до израмнување на 29:29. Последните минути од натпреварот поминаа во голема неизвесност и поделба на бодовите, бидејќи натпреварот заврши нерешено 33:33.
Металург во Европската лига ќе продолжи во февруари, а првиот натпревар го игра на домашен терен против француски Тулуз.