Одбојка

Матијашевиќ: Би било идеално да сме први и уште отсега да знаеме дека сме на ЕП 2021

Два тренинга и видео анализа на првиот противник на турнирот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Вообичаен дневен распоред за македонските одбојкари на ден пред почетокот на квалификациите за Европското првенство во Полска, во Чешка, во Естонија и во Финска во септември годинава. По дебито на континенталните самити во Љубљана во 2019-та, целта е јасна, а тоа е втор настап во престижното друштво. Противници се Босна и Херцеговина и Турција.

„Наша предност евидентно е што Федерацијата успеа да изменаџира да ги добие двата турнира овде, што зборува за нејзината способност, а нам ни дава уште поголема шанса. Проблем е што нема да има публика, па таа предност на домашен терен нема да биде толку голема, но сепак постои и јас верувам дека повторно ќе играме на европско првенство“, вели селекторот Никола Матијашевиќ.

Под негово водство, македонската репрезентација работеше од 15-ти декември, најпрво во некомплетен, а потоа и во проширен состав, максимално почитувајќи ги протоколите за заштита од пандемијата. Последните тестови кај сите играчи и кај стручниот штаб беа негативни, па Матијашевиќ ќе може да го користи сиот играчки потенцијал.

Поврзани Наслови

„Се разбира дека сите сакаме да бидеме први, односно да ја победиме Турција еднаш, ако може и двапати. Тие имаат предност на позиции кај двајца или тројца одбојкари коишто се искусни и долго време играат на европските првенства. Да не влегувам во детали, тие на некој начин ни се должни од Љубљана. Според мене, главна и основна задача е да се квалификуваме, дали како први или како втори, не е толку важно. Би било идеално да сме први и на 16-ти навечер по натпреварот со Турција, да знаеме дека сме квалификувани, да можеме да планираме, да се организираме, а не да чекаме“, посакува Матијашевиќ.

За да се остварат неговите желби, македонскиот национален тим треба да биде прв на скопскиот турнир од утре до сабота или, пак, втор, но со што подобар биланс, затоа што на Европското првенство 2021 ќе играат и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. Според сите параметри, Босна и Херцеговина е послаба од нас, а Турција е посилна, но најреален показател за рангирањето ќе бидат шесте натпревари во арената „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот. Со Босна и Херцеговина ќе играме утре и в четврток, а со Турција в среда и в сабота. Сите средби ќе бидат емитувани на МРТ 1 и на МРТ 3 со студиски дел од 17:30.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!