ФудбалФудбал - Прва женска лига

Мандаров: Ми се допаѓа што ПЖФЛ ќе има 8 екипи, но со опција второпласираната екипа и Куп освојувачот да имаат излез во Европа!

Од следната сезона за прв пат во Македонија ќе има Втора женска фудбалска лига, а во Првата лига ќе останат првите осум, останатите седум екипи како и сите нови сениорски екипи ќе се натпреваруваат во Втората лига. Спортска Мрежа направи интервју со еден од најдобрите тренери во женски фудбал, Илија Мандаров актуелен шеф на стручен штаб на ЖФК Скопје, каде разговаравме за идеја за формирање на Втора лига, како и за предизвиците во Првата лига за актуелната и следната сезона.

„Интересна тема за разговор. Ми се допаѓа тоа што лигата ќе има 8 екипи, но со опција второпласираната екипа да има излез во Европа, како и третопласирата екипа или победникот во Купот да има излез во Европа, исто како што е во машкиот фудбал. Во моментот првопласираната екипа игра Лига на шампиони, останатите екипи за што играат ? Како ќе се направи расадник на фудбалерки без идеја да останат да напредуваат“, смета Мандаров и додава:

„Кога секој клуб би тренирал и се би било посериозно и пореално би имало цел таков формат од 8 екипи, но има и тука простор за размислување, дали екипите како Речица или Борец или Кочани кои се основачи на женскиот фудбал би имале мотив да продолжат во Втора лига ? Дали тие девојчиња би играле во Втора лига ? Ние сме мала држава и мал број на активни женски фудбалерки, не сакам да навредувам никого, сигурно и тие го имаат истото мислење за Втората лига“, вели тренерот на ЖФК Скопје.

Тој смета дека Втората лига треба да биде младинска, од каде што ќе може прволигашите да црпат фудбалерки и додава дека може да се случи да има само поголеми трошоци за второлигашите без фидбек и дали ќе има спонзори за овие клубови.

„Втората лига според мене треба да биде младинска од која сите ние ќе црпиме играчи и кои ќе имаат поголема минутажа и ќе го учат фудбалскиот занает. Вака како Втора лига пак ќе има големи трошоци без фидбек. Дали ќе има за тие клубови ваучери, дали ќе се нафати некој спонзор на тие клубови, дали во тие клубови ќа има квалитет и пак ќе кажам, мала држава, малку женски фудбалски работници, мала едукација и најважно желба на секое девојче да игра повеќе од 18 години ако не биде побара од некој прволигашки клуб, бидејќи многумина од нив се откажуваат и поради неправилна селекција во репрезентацијата“, заклучува Мандаров.

Шефот на стручниот штаб на ЖФК Скопје смета дека идејата како идеја ја подржува и дава поддршка на секој новитет во женскиот фубал.

„Идејата како идеја ја подржувам и секој новитет во женскиот фудбал, но ќе видиме дали е вистински момент за вакво нешто и кои ќе бидат условите за двете лиги, плус младинско – кадетските лиги. Бидејќи се случува една екипа да игра во сите натпреварувања со едни исти играчи, па доаѓа до повреди и откажување. Без тренинг и целосна посвета на фудбалот, а сите знаеме без тренинг и многу кампови низ државата нема напредок на репрезентативно и клубско ниво“, заврши тренерот Мандаров.

Илија Мандаров во сезона 2015/2016, 2017/2018 и 2018/2019 беше прогласен за најдобар тренер во женски фудбал.

Reklama

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!