Локомотива го декласираше Црнилиште, Братство преку Мустафоски го доби Превалец, Вардар Неготино поразен од Напредок

Денес се одиграа натпреварите од 22. коло од Третата лига – Југ кое беше карактеристично со три дерби натпревари.
Ново Црнилиште 2:5 Локомотива Градско
Локомотива уште еднаш потврди дека има голем квалитет и дека е најсериозен кандидат за Втора лига откако денес на гостински терен го совлада Ново Црнилиште со убедливи 2:5. Црнилиште прв стигна до водство откако Ќамили Блеранд во 33. минута ја погоди противничката мрежа за 1:0. Радоста на домаќините траеше само пет минути, Усеинов Ѓунет постигна гол за 1:1 на полувреме. Во вториот дел лидерот тргна убедливо. Во 50. минута Атанасовски Бобан донесе водство за гостинот од Градско со 1:2, а по четири минути Усеинов со втор гол зголеми на 1:3. Локомотива продолжи да „вози“ низ теренот во Црнилиште и во 68. минута зголеми на 1:4 со гол на Нацев Дарко. Црнилиште немаше сили да го запре налетот на противникот, а Ќазимов Аделин зголеми на 1:5. Во финишот од натпреварот Сулемани Газаљ ги постави конечните 2:5. Екипата на Локомотива со 50 бодови е на лидерското место и има седум повеќе од конкурентите Ново Црнилиште и Братство 07, па влезот во Втора лига – Исток никогаш не бил поблизок.
Превалец 1:2 Братство 07
Екипата на Превалец на домашен терен беше поразена од разиграниот Братство 07 кој со 1:2 запиша нова победа и ги зграпчи трите бодови. Мустафоски Наим во 24. минута го отвори резултатот за водство на гостинот од 0:1. Превалец брзо се врати во игра откако нововлезелниот Стојанов Пеце постигна гол во 37. минута за 1:1. Во вториот дел Мустафоски со втор гол во 60. минута ги постави конечните 1:2.
Напредок Крушеани 2:1 Вардар Неготино
Напредок Крушеани на домашен терен со 2:1 го доби дербито со Вардар Неготино. Гостинот силно атакуваше по трите бодови со цел да продолжи да го напаѓа првото место, но по денешниот пораз шансите на Вардар за Втора лига завршуваат, па сега остануваат надежите за второ место, односно сезоната да се заврши со што подобар пласман на табелата. На Могила прво до рано водство стигна Напредок кога Цветановски Христијан ја стресе мрежата на младиот Стојанов. Само две минути подоцна Митрев Дане израмни на 1:1. Во текот на вториот дел двете екипи се надигруваа за трите бодови, а Никовиќ Мартин во 74. минута постигна гол за конечните 2:1.
Питу Гули 5:1 Марена
Питу Гули на домашен терен немаше милост кон Марена и со 5:1 ја декласираше. Домаќинот одигра одличен натпревар и сосема заслужено трите бодови останаа во Крушево. Шоуто од погодоци на „езерото“ го започна Стрезовски Ѓорѓи кој во 41. минута донесе водство за Питу Гули. На стартот од вториот дел шанси имаше, но реализација немаше. Во 77. минута домаќинот започна со голем притисок кон противникот и го дуплираше водството преу Пажиќ Јани. Во 84. минута Стрезовски со втор гол донесе водство од 3:0. По една минута Велјанов Александар намали на 3:1. Домаќинот не запираше и во 87. минута со погодок на Бубаќоски Јованчо стигна до 4:1, а три минути подоцна нововлезениот Стојаноски Благојче ги постави конечните 5:1.
ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ТРЕТАТА ЛИГА – ЈУГ ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ
Младост Удово 4:0 Обршани
Во Удово екипата на Младост го збриша фаворитот Обршани со високи 4:0. Првиот гол падна во 42. минута, стрелец беше Костадинов Марјан, по три минути игра Спасиќ Адријан погоди за 2:0 на полуврее. Во 72. минута Костадинов со втор гол донесе водство од 3:0, а четири минути подоцна нововлезелниот Стоилов Васил ги постави конечните 4:0
Дојранско Езеро 9:1 Големо Коњари
Дојранско Езеро на домашен терен буквално ја распадна екипата на Големо Коњари со убедливи 9:1. Гостинот имаше сили само за 30-тина минути игра, а потоа следуваше „цунами“ во Дојран. Илиев Петар во 33. минута го отвори резултатот за водство на домаќинот од 1:0. Шест минути подоцна Маринковиќ Оливер постигна гол за 2:0, а во 44. минута Џокиќ Драган погоди за 3:0 на полувреме. Во вториот дел немаше промени, уште на самиот старт Маринковиќ со втор гол донесе 4:0. Големо Коњари продолжи да тоне, а домаќинот преку Ивковиќ Цветан стигна до 5:0. Една минута подоцна гостинот постигна еден утешен гол, а стрелец беше Мирчески Зоран. Расположениот Маринковиќ со два погодоци во 59. и 61. минута донесе водство од 7:1. Во 69. минута младиот Ристески по осми пат капитулираше, а сега неговата мрежа ја погоди Упчев Миле за 8:1. Конечните 9:1 ги постави Колевски Кристијан во 80. минута од натпреварот. Големо Коњари повторно се спуши во опасната зона, па опстанокот за ова екипа ќе биде тежок.
Динамо 2:2 Младост 1930
Интересен и неизвесен натпревар се одигра меѓу Динамо и Младост 1930 кој заврши без победник со по два гола во мрежата 2:2. Одлично прво полувреме за гостинот од Кривогаштани и одлично второ полувреме за домаќинот. Младост стигна до водство во 4. минута со гол на Чичоски Стефан. Пред крајот на првиот дел Китаноски Димитар го дуплираше водството. На стартот од вториот дел Мишески покажа на белата точка за домаќинот, а Наумоски Кире успешно реализираше и намали на 1:2. По шест минути игра Наумоски со втор гол ги постави конечните 2:2.
Еден Коментар