Лидерот Брегалница домаќин на Каменица Саса, Тиквеш во Кавадарци ја чека Слога

Во сабота стартува третиот, последен круг од натпреварувањето во Втората лига – Исток, со натпреварите од 19. коло.
Непоразениот лидер Брегалница на Градскиот стадион во Штип ќе ја пречека екипата на Каменица Саса. Штипските „сини“ на дуелот со противникот од Македонска Каменица ќе важат за фаворити за победа и нови три бодови, со што ќе бидат чекор поблиску до промоција во Првата лига.
Тиквеш на домашен терен ќе се соочи со Слога од Виница. Кавадарчани ќе бидат фаворити на Градскиот стадион во Кавадарци против гостинот од Виница, кој ќе се обиде да го изненади Тиквеш и да излезе од резултатската криза и да запише победа после четири натпревари. Второлигашот од Кавадарци е на второто место и екипата се подготвува за бараж натпреварот за влез во Првата лига.
Кит Го во Пехчево ќе ја пречека прилепска Победа која е влезена во резултатска криза. Домаќинот е перфектен, а после убедливата победа во дуелот со Кожуф, Кит Го влегува силно мотивиран за нова голема победа. Прилепчани ќе мораат да изнајдат решение за расположениот Кит Го, да изненадат и да дојдат до три бодови, доколку сакаат да имаат поголеми шанси за опстанок во второлигашкото друштво.
>> КРСТЕ КРСТЕВ НОВ ТРЕНЕР НА ПЛАЧКОВИЦА, ЌЕ МОЖАТ ЛИ РАДОВИШАНИ ДО ОПСТАНОК <<
Кожуф на домашен терен ќе ја пречека радовишка Плачковица. Домаќинот после големиот пораз од Кит Го во Пехчево ќе се обиде брзо да го заборави истиот и да дојде до победа и три бодови над Плачковица и да се врати на третото место на табелата. Радовишани имаат мотивација, затоа што пред две недели токму во Гевгелија одиграа 0:0 со Кожуф и обезбедија голем бод во борбата за опстанок. Новиот тренер на Плачковица, Крсте Крстев ќе има единствена задача, а тоа е победа во Гевгелија, големи и значајни три бодови и зголемување на шанси за опстанок.
Интересен и возбудлив натпревар ќе се одигра во Кочани, каде ќе се соочат Осогово и Росоман. Очекувањата се повторно многу погодоци, како и на претходните два меѓусебни натпревари. Осогово ќе бида фаворит против последнопласираниот Росоман кој е со најмали шанси за опстанок во Втората лига – Исток. Првиот меѓусебен дуел на овие две екипи одигра на 10 октомври минатата година заврши со 5:4 за Осогово, додека пак во вториот дуел кој се одигра на 12 декември во Росоман, екипата на Осогово немаше милост и со 1:7 го прегази противникот.
>> ЦЕЛАТА ТАБЕЛА ОД ВТОРАТА ЛИГА – ИСТОК ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ОВДЕ <<
Сите натпревари стартуваат во ист термин, односно во 15:00 часот. Дел од натпреварите ќе бидат пренесувани во ЖИВО и на Спортска Мрежа, со пренос овозможен од ФФМ.