Кузманов: Важна победа против добрата екипа на Пехчево, неизвесно ќе биде до крајот на првенството, се надевам на успех

Слога 1934 Виница со триумф над Пехчево (2:1) ја стартуваше пролетната полусезона од Втората лига – Исток. Целта на клубот е пласман во Првата македонска фудбалска лига, а за таа цел ќе треба клубот да ја финишира сезоната на првите две места.
Тренерот Никола Кузманов за Спортска Мрежа вели дека забележале важна победа против добрата екипа на Пехчево, а за гостувањето во Гевгелија во следното коло додава дека одат да се надигруваат.
„Важна победа, освоиме три бодови против добрата екипа на Пехчево. Победата ни дава мотив повеќе во борбата за првите две места на табелата“, вели Кузманов за Спортска Мрежа и додава:
„Со респект ќе играме со Кожуф, одиме да се надигруваме. Се надевам на добар резултат.“
Слога 1934 Виница битката за Прва лига ќе ја води со Победа од Прилеп, струмичка Беласица и Каменица Саса.
„Одработивме добри подготовки, верувам во квалитетот и карактерот на фудбалерите, имаме добра организација во клубот, целта е јасна – борба за првите две места. Имаме сериозни конкуренти – Победа, Беласица и Саса тоа се квалитетни состави. Неизвесно ќе биде до крајот на првенството, се надевам на успех“, рече Кузманов.