Ќушкоски: Караорман има поквалитетен тим, очекуваме победа над Воска Спорт!

Во сабота во Струга се игра големата дерби-пресметка меѓу лидерот Воска Спорт од Охрид и второпласираниот Караорман од Струга, која ќе одлучува за првата позиција во Третата лига – Југозапад, бидејќи разликата е само еден бод. Во изјава за Спортска Мрежа, претседателот на Караорман, Ристе Ќушкоски вели дека клубот максимално се подготвува за дерби средбата и очекува победа против моменталниот лидер на табелата.
„Караорман максимално се подготвува за дерби средбата со екипата на Воска Спорт. Од самиот почеток на сезоната имаме мали проблеми со повредени играчи, но, имаме доволен ростер на квалитетни играчи кои мислиме дека соодветно ќе ги покријат сите позиции. Ние на секој натпревар одиме на победа, влеговме во тековната сезона со големи очекувања и атак на првата позиција. Атмосферата во клубот како и во градот е одлична и во една фер и корекна игра очекуваме победа“, ни изјави Ќушкоски
Тој додава дека Караорман има поквалитетен тим од Воска.
„Противникот исто е квалитетен и добро организиран, но, мислиме дека во моментов сме поквалитетен тим“, завршува Ќушкоски.
Натпреварот се игра на Градскиот стадион во Струга со почеток од 13:00 часот и истиот ќе биде одигран без присуство на публика, согласно мерките и препораките за заштита од Ковид-19.