Куп на ОФС Битола: Црно Буки со минимален триумф над Лисолај, Кравари го доби дербито со Новаци, Јенимаале подобар на пенали

Денес се одиграа четвртфиналните натпревари од Купот на ОФС Битола. Следната фаза односно полуфинале обезбедија Црно Буки, Кравари, Јенимаале и екипата на Поешево која беше слободна во четвртфиналето.
Црно Буки со минимални 0:1 го доби Лисолај, а стрелец на победничкиот гол вреден полуфинале беше Димитар Кочишки, кој стрелаше во 55. минута од мечот.
Третолигашкото дерби заврши со триумф за Кравари, кој со 1:2 триумфираше над Новаци. Кравари имаше водство од 0:2 со погодоците на Марјан Котевски (58. минута) и Антонио Круевски кој стрелаше пет минути подоцна. Во 71. минута Александар Недановски го ублажи поразот на конечните 1:2.

„Натпреварот како и што се очекуваше беше неизвесен до самиот крај. Првото полувреме беше изедначено, додека во второто покажавме карактер и дадовме 2 брзи гола кои беа пресудни да се пласираме во полуфиналето од Купот. Во полуфиналето ќе се судриме со екипата на Јенимаале која доаѓа од понизок ранг и секако се надеваме на пласман во финале“, вели Марјан Котевски за Спортска Мрежа.
Четвртолигашот Јенимаале приреди изненадување откако во пенал рулетот беше подобар од третолигашот Победа од Ивањеци. Регуларниот дел заврши со по еден гол во мрежата (1:1), а пак во пенал рулетот екипата на Јенимаале беше подобра со 5:4 и обезбеди полуфинале.
Во полуфиналето Јенимаале ќе се соочи со Кравари, а пак Поешево налета на Црно Буки. Натпревари ќе се одиграат в среда.