ФудбалФудбал - ВТОРА ЛИГА

Крсте Крстев е нов тренер на Каменица Саса: Ќе се бориме за Прва лига!

Искусниот стратег Крсте Крстев од денес е нов тренер на амбициозниот второлигаш Каменица Саса, откако младиот Горан Гоцевски по поразот од Братство реши да се повлече од тренерската клупа на „рударите“. Гоцевски ја водеше Саса на два натпревари и забележа триумф над Кожуф и пораз од Братство.

Спортска Мрежа разговараше со новиот тренер на „рударите“ Крсте Крстев кој вели дека и покрај поразот на Саса од Братство ништо не е загубено.

„И покрај поразот и падот на четврто место на табелата се уште ништо не е загубено бидејќи бодовната разлика помеѓу првите четири екипи е минимална и со еден натпревар се може да се измени, што значи се додека постојат шанси ние ќе се бориме за Прва лига“, ни изјави Крстев.

Крстев утре ќе се види со фудбалерите, додека пак денес имал состанок со управата на клубот.

„Со управата се видов и постои големо разочарување по последниот пораз на домашен терен од ФК Братство, но и надеж за среќен крај на првенството, а со фудбалерите ќе се видам утре и лично мислам дека е исто расположението како и на управниот одбор, така да сите заедно ќе се обидеме да ја исполниме желбата на цела Каменица иако нема да биде нималку лесно“, рече новиот кормилар на „рударите“.

Крстев своето деби на клупата на Саса ќе го има в сабота на жешкиот терен во Виница против дирекниот конкурент Слога 1934.

„Точно е дека следниот натпевар го играме на жешкиот терен во Виница со директен конкурент за првото место, но за нас до крајот секој терен и противник ќе биде ист бидејќи немаме додатни џокери“, изјави Крстев.

Искусниот стратег за Спортска Мрежа вели дека борбата за место во Првата лига ќе се води до последното коло помеѓу првите четири екипи.

„Борбата за директен влез и бараж за Прва лига ќе се води до последно коло помеѓу првите четири екипи, кои две ќе успеат ќе биде сосема заслужено. Ние ќе го дадеме нашиот максимум и ќе се надеваме дека ќе биде доволно за да ја постигнеме целта“, заврши Крстев.

44-годишниот Крстев претходно ги водеше Плачковица, Осогово, Слога 1934 Виница, Вардар Неготино и Хоризонт Турново.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!