
Денес беше отворено 13. коло од Првата футсал лига со натпреварот меѓу Кратово и Карадаку.
Гостите со сигурна и убедлива победа од 7:13 ја оправдаа фаворитската улога на денешното гостување.
Карадаку прв го отвори резултатот и до 10. минута имаше водство од 0:2 со погодоците на Далипи и Османи. Домаќинот преку Арсовски намали на 1:2 во 15. минута, а гостите веднаш преку Зекири зголемија на 1:3. Одличната игра на Карадаку продолжи и преку Јунузи резултат беше зголемен на 1:4, а Митевски намали на 2:4.
Во вториот дел Кратово немаше сили да му парира на одличниот и расположен противник. До 28. минута Карадаку имаше водство од 2:9 со едниот погодок на Далипи и по два погодоци на Зекири и Јунузи. Домаќинот преку Начковски намали на 3:9, а со два брзи гола на Митевски и Јовановски разликата беше спуштена на 5:9. Далипи постигна нов гол за 5:10, а Начковски намали на 6:10. Во последните минути од натпреварот притисокот на Карадаку кон голот на противникот се зголеми, а тоа резултираше со три нови голови, еден на Иљази и два на Јунузи. Во последните секунди од натпреварот Јовановски постигна гол за конечните 7:13.
Во следното коло Кратово ќе има тешко гостување кај актуелниот шампион Шкупи, додека Карадаку на домашен терен ќе игра против екипата на Кеги Моби од Велес.