ФудбалФудбал - Останато

Костов го крена гласот против ФФМ: Неправдите од страна на поединци сум ги почувствувал на своја кожа!

Фудбалскиот тренер Влатко Костов излезе со соопштение околу последните случувања со одржувањето на собранијата на ОФС низ цела држава.

Целосното соопштение на Костов во продолжение:

Неколку денови ги следам случувањата околу одржувањето на собранија на ОФС низ цела држава. Следејќи го ова, мислам дека е време да излезам со свој став околу случувањата, бидејќи фудбалот е моја егзистенција и живот.

На почетокот, да кажам дека давам јавна поддршка за имплементацијата на Законот за спорт во ФФМ и ОФС. Доколку се имплементира овој закон, ќе дадеме право на глас на непосредните учесници – фудбалските клубови, за директно учество во работата на ФФМ и ОФС, а со тоа и заштита на своите права и правата на луѓето кои финансираат во фудбалските клубови.

Многу години наназад сме сведоци на спортски емисии, електронски и интернет-медиуми и Фејсбук-статуси, кога многу спортски личности ја критикуваат работата на ОФС и ФФМ. За сите нив да кажам дека сега е време, изборна година во ОФС и ФФМ, кога треба да ги остават своите суети настрана и активно да се вклучиме во ставање ред во работата на ОФС. Таму треба да учествуваат луѓе од фудбалските клубови кои ќе имаат мнозинство во Собранието на ОФС и кои, застапувани од нивните делегати – истакнати спортисти и спортски работници, ќе се грижат за заштита на правата на својот клуб, а со тоа и заштита на правата на спонзорите и сопствениците на фудбалските клубови. Затоа јас, како јавна личност во фудбалот и спортот, давам јавна поддршка на иницијативата за промена на раководството на ОФС-Штип и јавна поддршка на клубовите од ОФС-Штип. Се ставам на располагање на луѓето кои сакаат да променат нешто во ОФС, со тоа што однапред кажувам дека сите треба да работиме во интерес на фудбалските клубови.

Го споменувам ОФС затоа што одовде почнува заздравувањето на мак-фудбалот, преку угледни и докажани спортисти и спортски работници за делегати во ОФС, а понатаму и во Собранието на ФФМ. Таквите делегати со своите идеи на Собрание на ФФМ треба да го предизвикаат Управниот одбор и Претседателот на ФФМ да работи во интерес на фудбалските клубови и сопствениците на клубовите. На тој начин, ќе имаме собрание на кое ќе има дебата и жестоки расправи, но собрание во кое ќе победи фудбалот.

Да се разбереме, раководните луѓе во ОФС, претставувани од нивните делегати, не одат да го спасат Претседателот на ФФМ, туку одат да ги спасат своите позиции и привилегиите кои ги имаат од истите. Секој претседател треба да знае дека, доколку има такви делегати во собранието, нема да има дебата, фудбалот ќе ни слабее и од година на година ќе се намалува угледот на претседателот. Некои од нив, како делегати и претедатели на ОФС ги променија речиси сите досегашни претседатели во ФФМ, но не направија ништо добро за фудбалот, освен за своите позиции. Со оваа реченица сакам да кажам колку нив ги интересира за Претседалот на ФФМ.

Неправдите од страна на поединци сум ги почувствувал на своја кожа од одредени фудбалски судии кога сум бил тренер и од одредени комисии при ФФМ, кога сум учествувал со своја кандидатура во ФФМ.

Не сум човек кој ќе се оптеретува со минатото, гледам кон иднината и сум рекол дека ќе се заложам максимално во отстранување на тие девијантни појави, по што ќе можеме да се вклучиме во работата на таков ФФМ, на било кое ниво.

За крај, огромни честитки за успехот на фудбалската репрезентација и стручниот штаб за пласманот на Европското првенство. Благодарение на нив, сите ние што сме околу фудбалот имаме поголем рејтинг во Европа. Овој успех не треба да ги покрие сите слабости во функционирањето на ФФМ, туку треба да биде поттик и таму да се подобриме.

Да се надеваме дека работите во фудбалот ќе ги промениме на подобро.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!