Кораб ќе атакува на бараж, Алиу, Адили, Садики и Дани нови засилувања

Второлигашот Кораб од Дебар ги претстави своите четири засилувања за пролетната полусезона од Втората лига – Запад. Најнови засилувања во клубот се Арменд Алиу, Мурат Адили, Енис Садики и Мргим Дани.
Алиу во Кораб пристигнува од Ренова, а во својата кариера 24-годишниот фудбалер има настапувано за косовски Феризај, Велазерими, Македонија Ѓорче Петров и кичевски Напредок.
28-годишниот Адили доаѓа од редовите на Велазерими, а во својата кариера бил дел од Феризај од Косово, Ренова, Зајази и Врапчиште.
Садики во Кораб доаѓа од Вардар Форино, а 19-годишниот фудбалер во својата кариера бил дел и од Куманово Еуроспорт-Вардар, Башкими и Викториа од Куманово.
Дани доаѓа од редовите на прволигашот Шкупи, а во својата кариера 26-годишниот искусен фудбалер настапувал и за Велазерими, Зајази и Врапчиште.
Помошниот тренер на Кораб, Адриан Муладаути за Спортска Мрежа вели дека клубот преговара со уште неколку засилувања. Станува збор за искусен голман од Првата лига, како и искусен играч кој треба да го засили средниот ред и додава дека клубот ќе се обиде да го обезбеди бараж местото за ПМФЛ, а мотивот за тоа е 100 годишнината од основањето на клубот која се слави годинава.
Второлигашот Кораб во пролетниот дел од сезоната во Втората лига – Запад ќе биде предводен од новиот тренер Назми Ајдини, кој доаѓа на местото на Боби Стојкоски кој се раздели со клубот по завршувањето на есенската полусезона. Ајдини е поранешен терен на Велазерими.
Кораб есенската полусезона ја заврши на петтото место на табелата со 24 освоени бодови шест помалку од бараж местото, односно второто место.