ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Кораб го распадна Велмеј со ДЕВЕТ гола, Кравари со „петарда“ за Сатеска, реми во Мороишта со ШЕСТ гола

Денес беше комплетирано 2. коло од Третата македонска фудбалска лига – Југозапад, откако колото беше отворено вчера со победата на Новаци од 3:1 над Македонија од Враништа.

Ланскиот второлигаш Кораб на гостувањето кај Велмеј триумфираше со убедливи 0:9 и покажа дека сака експресен кам-бек во елитата.

Бљерон Муча со пет погодоци ја искина мрежата на домашниот тим, а двојни стрелци беа Трим Амбари и Амин Качалнику.

Кравари „испука петарда“ за Сатеска, откако на домашен терен со убедливи 5:0 го декласираше гостинот од Волино. Иако домашниот тим остана со играч помалку, откако голманот и капитен Дејан Апостоловски заработи директен црвен картон уште во 6. минута поради неспортско однесување, пак имаше сили за убедлива победа.

Двоен стрелец беше Благојче Ристевски, а по еден гол во убедливата победа постигнаа Олвиер Даралиовски, Темур Емини и Мартин Ендековски.

Јанг Тим и Влазними ги поделија „пленот“ во меч со шест погодоци (3:3). На полувреме резултатот беше 1:2 за гостите, а први до водство дојдоа гостите со голот на Даниел Шекуткоски во 2. минута од мечот. Веќе во 10. минута Атај Уљо израмни на 1:1, а пак Денис Шадов четири минути подоцна донесе ново водство за Влазними.

Во вториот дел Сеит Крека повторно израмни на 2:2, откако погоди во 54. минута, за по десет минути игра Ермонд Арслани да постигна гол за водство од 2:3 за Влазними. Во 81. минута Ерблин Мурати стрелаше за конечни 3:3.

Иднина Бороец на домашен терен беше поразена од фаворитот Преспа со 0:2. Стрелци за новите три бодови за ресенчани беа Христијан Каралиоски и Никола Јовановски.

Демир Хисар со 3:2 славеше над Лирија од Грнчари на домашен терен. На полувреме резултатот беше 1:1, а гостите преку Неџми Реџепи во 24. минута први дојдоа до водство, додека пак голгетерот Стефан Каревски во 40. минута израмни на 1:1. Во вториот дел Јовче Талевски го сврте резултатот за водство на Демир Хисар од 2:1.

Гостите од Грнчари преку Тони Настевски во 65. минута го израмнија резултатот и се вратија во рамноправна борба за трите бодови. Десет минути подоцна стрелецот на првиот гол за гостите Неџми Реџепи си постигна автогол за конечните 3:2 и голема победа за домашниот тим.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!