Конте: Треба да научиме од Ливерпул

Во пресрет на мечот со Ливерпул, менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте вели дека „црвените“ можат да послужат како добар пример за неговиот клуб доколку сака трофеи.
Конте неодамна пристигна во Лондон со намера во иднина на Спарс да им ги донесе толку посакуваните трофеи. Ливерпул може да биде пример на тој пат.
„Во недела играме против клуб од кој можеме многу да научиме. Кога Јирген Клоп дојде во Ливерпул, немаше веднаш успех, но тоа го постигна со систематска и трпелива работа низ годините. Ако сакаме да го достигнеме тоа ниво, мора да работиме, да бидеме трпеливи и адекватно да инвестираме во засилувања“, изјави Конте во интервју за „Скај“.
Италијанецот е свесен колку тежок ќе биде натпреварот против тимот од „Енфилд“.
„Знаеме дека тоа е еден од најдобрите тимови во светот. Сепак, важно е да се играат вакви тешки натпревари за да напредуваме. Ќе се подготвиме максимално“, додаде Конте.
Дуелот во главниот град на Англија е на програмата во недела од 17.30 часот со пренос на Спорт Клуб 1. Ливерпул пред 18. коло е втор на табелата со 40 бодови, еден помалку од Манчестер Сити. Тотенхем е седми со 25 бода од 14 одиграни натпревари.