Конте: Тешко е да се замени Кејн

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте е задоволен од изданието на неговиот тим во триумфот над Кристал Палас (3:0).
Спарс славеа на домашен терен во 19. коло од Премиер лигата со головите на Хари Кејн, Лукас Мура и Сон Хеунг Мин. Работата им беше олеснета од 37. минута кога Палас остана со десет играчи поради исклучувањето на Заха.
„Почнавме полека, но набрзо го зголемивме интензитетот. Почнавме да создаваме шанси и постигнавме два гола. По црвениот картон ни беше уште полесно. Можевме да постигнеме повеќе голови, сепак, задоволен сум и од ова издание. Сега треба да се одмориме и да се подготвиме за мечот со Саутемптон. Никому не му е лесно да игра два дена“, изјави Конте.
Хари Кејн се разбуди со доаѓањето на Конте. Два меча по ред беше најдобар стрелец во лигата.
„Сите знаеме дека Хари е напаѓач од врвна класа, некој кој ни е многу важен. Среќен сум што денеска имав можност малку да го одморам, па го извадив во 60. минута. Многу е тешко да одлучам да сменам таков играч“, додаде Италијанецот.
Тотенхем е петти на табелата со 29 бодови, шест помалку од четвртопласираниот Арсенал, со три натпревари помалку.