ФудбалФудбал - ТРЕТА ЛИГА

Кога стартува Трета лига – Југ и кои се нови третолигаши ?

Третите лиги пополека означуваат старт на новата сезона. Најпрво стартува Третата лига – Југозапад, а првото коло е закажано за 29. август, целиот распоред е утврден за што Спортска Мрежа извести во текот на вчерашниот ден.

Што се однесува до останатите Трети лиги, успеавме да добиеме информации за Трета лига – Југ. Во новата сезона во ТМФЛ – Југ ќе се натпреваруваат вкупно 14 екипи, кои треба до 18. август да платат котизација, а веќе следниот ден, односно на 19. август да се изврши ждребот, а со тоа да се утврди и распоредот за новата сезона.

Согласно член 49 од Пропозициите за Трета македонска фудбалска лига за сезона 2021/2022 „со право да учествува во Трета лига се стекнува фудбалски клуб кој ги исполнил спортските критериуми ( утврден пласман на табела) и финансиските критериуми (уплата на котизација).“

„Во зависност од одлуката на Управниот одбор на Третата лига, котизацијата може да биде за учество во натпреварувањето, да ги покрива трошоците за службени лица, да ги покрива изречените парични автоматски и парични казни изречени во постапка од страна на органот кој го води натпреварувањето и Дисциплинската комисија на регионот.“

„Управниот одбор на Третата лига пред почетокот на првенството утврдува на што ќе се однесува котизацијата. Клуб кој нема доставено доказ за извршена уплата на котизацијата од став 2 на овој член не влегува во ждреб, натпреварувањето може да го продолжи во ОФС каде територијално припаѓа.“

Тоа значи дека оние клубови кои нема да извршат уплата на котизација, согласно став 2 од овој член, нема да бидат дел од ждребот и со тоа нема да може да се натпреваруваат во Третата лига.

Стартот е планиран за 5. септември (недела).

Во однос на клубовите кои ќе се натпреваруваат во новата сезона во Трета лига – Југ има значителна промена.

Од минатата сезона остануваат следниве екипи: Ново Црнилиште, Вардар Неготино, Напредок Крушеани, Превалец, Обршани, Динамо, Младост 1930, Марена, Питу Гули, Големо Коњари, како и Росоман кој лани испадна од Втора лига – Исток. Нови третолигаши се екипите на Возарци ДМД од Кавадарци, екипата на Бучин од Прилеп и Бабуна од Велес.

Минатата сезона екипите на Габер и Илиден БС беа дисквалификувани и овие две екипи нема да бидат дел од третолигашкото друштво во новата сезона, како и екипите на Младост од Удово и Дојранско Езеро кои во новата сезона ќе се натпреваруваат во Трета лига – Исток.

Третата лига – Југ минатата сезона броеше 16 екипи, додека во новата, како што кажавме претходно ќе брои 14 екипи, односно две помалку.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!