ФудбалФудбал - ПРВА ЛИГА

Кочо Анѓушев заминува од Борец, играчите може да си бараат нови клубови

Кочо Анѓушев заминува од Борец, со што велешкиот прволигаш останува без главниот финансиер. Одлуката е соопштена после денешниот контролен натпревар против второлигашот Тетекс кој велешани го добија со 2:0. На играчите им е соопштено дека можат да си барат нови клубови за продолжување на нивната кариера.

„На денешниот состанок донесовме одлука дека Брако како компанија не треба да продолжи да финансира во спортски федерации, чии раководства немаат респект кон спонзорите и онака како што слушаме од Агенцијата за млади и спорт, истите не се усогласени со законите на Македонија. Во таа смисла, објавуваме дека Брако ќе престане да го финансира клубот и во иднина својата репутација како општествено одговорна компанија ќе ја надгради преку стипендирање на одлични студенти од велешката општина, претежно, но не едиснствено на техичките науки“, објавија од компанијата Брако на Анѓушев, а пренесува порталот „Батали.нет“.

Велешани чекаа цели 18 години за да гледат проволигашки фудбал, а токму кога Борец игра солидна сезона и е на добар пат да обезбеди и место за излез во Европа, клубот влегува во неизвесна иднина и со прашање, дали клубот ќе може да ја доигра и тековната сезона од Првата лига.

„Со оглед на тоа дека Борец А.Д. нема никакви долгови, а при тоа на јавно дадената понуда клубот да го преземе некој кој има добра намера и цел кон фудбалот (пред се, раководните лица на ОФС Велес), до денес на понудата нема пријавени и поради тоа фудбалерите и сите вработени во клубот ќе бидат комплетно исплатени до денешен ден и за тоа уредно ќе ја добијат целата документација“, се вели во соопштението на Брако, кое го пренесе порталот „Батали.нет“.

Борец есенскиот дел од Првата македонска фудбалска лига го заврши на делба на петтото место на табелата со 25 освоени бодови.

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!