Европски ФудбалФудбал

Клубот не ги слуша навивачите: Рафа Бенитез сепак пристигнува во Евертон

Сите англиски медиуми пренесуваат дека е прашање на време кога Евертон официјално ќе објави дека Рафа Бенитез е нивен нов менаџер, и покрај протестите на навивачите, кои јасно порачаа дека поранешниот менаџер на Ливерпул не е добредојден на „Гудисон Парк“.

Рафа Бенитез еднаш го водеше Ливерпул и со овој клуб, меѓу другото, ја освои Лигата на шампионите во славното финале во 2005 година во Истанбул, кога „црвените“ успеаја да се вратат по минус три гола против тимот на Милан.

Во тоа време, тренер на италијанскиот клуб беше Карло Анчелоти, а Бенитез сега треба да го замени на клупата на Евертон. Анчелоти реши да го раскине договорот и да го преземе Реал Мадрид по заминувањето на Зинедин Зидан.

Бенитез денес има 61 година, а го напушти Ливерпул пред 11 години. Во меѓувреме, тој седеше на клупата на уште двајца премиерлигаши, Челси и Њукасл. Но и Интер од Милано, Наполи, Реал Мадрид и Далиан. Кинескиот клуб е последниот каде што работеше како тренер.

Пред Ливерпул, тој беше тренер на Валенсија, со кого беше шампион на Шпанија двапати, во 2002 и 2004 година.

Англиските медиуми пренесуваат дека Евертон разгледал дури осум кандидати пред да се реши да го ангажира Бенитез. Меѓу нив беше и поранешниот менаџер на „волците“, Нуно Еспирито Санто, кој сега се поврзува со Тотенхем, како и Дејвид Мојс, кој успешно го водеше Евертон од 2002 до 2013 година, но во меѓувреме потпиша нов тригодишен договор со Вест Хем.

Новата сезона во Премиер лигата започнува на 14 август, а Евертон во првото коло го пречекува тимот на Саутемптон.

Бидете сигурни дека навивачите на „Гудисон Парк“ веќе подготвуваат „топол“ пречек на поранешниот менаџер на соседниот Ливерпул, особено ако на стартот покажа послаб резултат…

Поврзани Наслови

Back to top button
error: Текстот е заштитен !!