Ќелешоски: Позитивна атмосфера во соблекувалната, респект за Македонија од Враништа, „Паткари“ се нашиот дванаесетти играч!

По 11. одиграни кола во Третата фудбалска лига – Југозапад екипата на Караорман е лидер на табелата со 28 бодови и не знае за пораз во досегашниот тек од сезоната. Стружани во претходното коло го добија клучното дерби со директниот конкурент за првото место Црно Буки и тоа на гостински терен, а веќе овој викенд следува ново дерби овој пат со екипата на Македонија од Враништа.
Спортска Мрежа разговараше со капитенот на Караорман, Ивица Ќелешоски за атмосферата во соблекувалната на Караорман, за досегашните натпревари, дербито со Македонија, како и за поддршката од верните „Паткари“.
„Еден од најважните фактори за успех на една екипа е добрата атмосфера во соблекувалната. Функционираме сплотено, мотивирано и така сите како еден чекориме по патот кој носи високи резултати“, вели Ќелешоски и додава:
„Задоволен сум од досегашниот тек на првенството и освоените бодови, максимално се подготвуваме за секој натпревар без разлика на противникот и се разбира дека ќе продолжиме да го негуваме нашиот стил на игра кој се покажа дека носи успех.“

31-годишникот вели дека имаат голем респект кон Македонија од Враништа, додава дека ќе се вложат неизмерно за нова победа.
„Кон Македонија од Враништа покажуваме голем респект. Таа е екипа која има одлични индивидуалци, но и нивните досегашни резултати го отсликуваат нивниот успех, сепак ние се надеваме и ќе се вложиме неизмерно кон победа за да ја продолжиме низата победи која ќе нè задржи на врвот на табелата.“
Капитенот на Караорман вели дека „Паткари“ се нивниот дванаесетти играч на натпреварите.
„Нашата навивачка група „Паткари“ е воедно и симбол на нашиот град, таа е нашиот дванаесетти играч на секој натпревар. Тоа се покажа и на дерби натпреварот со Црно Буки на гостински терен каде ја имавме нивната фантастична поддршка и дополнително бевме мотивирани да им возвратиме со победа против директниот конкурент за првото место“, изјави Ќелешоски за Спортска Мрежа.